April 3, 2020 18:28
Свет

Индискиот Врховен суд: Жените можат да бидат воени команданти

Врховниот суд во Индија денеска пресуди дека жените можат да бидат воени команданти, отфрлајќи го ставот на Владата дека мажите војници не се подготвени да прифатат наредби од жени офицери бидејќи тоа ги вознемирува.

Судот исто така наложи Владата да ја продолжи постојаната служба за жените, што досега се однесуваше само на мажите офицери.

Со одлуката на индискиот Врховен суд жените ќе ги имаат истите можности како и нивните машки колеги, вклучително и чиновите, промоции и пензии.

Во моментот жените можат да работат во армијата само 14 години, а трајно вработување им е дозволено само во правните и образовните сегменти на армијата.

Индиската Влада минатата недела се спротивстави жените да бидат назначени за полковници и мајори со образложение дека мажите од руралните области не се „ментално образовани да прифатат жени офицери кои наредуваат”.

Владата исто така тврдеше дека мажите и жените офицери физички се разликуваат и не можат да имаат ист третман.