August 8, 2022 19:16
Свет

Израел го направи првиот чекор кон распуштање на Кнесетот

Израелските пратеници денеска го одобрија предлог-законот за распуштање на Кнесетот и одржување на предвремени парламентарни избори, кои ќе бидат петти за помалку од четири години.

На пленарна седница пратениците се изјаснија за распуштање на Кнесетот. Сега предлог-законот ќе биде доставен на разгледување до соодветна парламентарна комисија, по што пратениците повторно ќе се изјаснуваат за самораспуштањето кон крајот на оваа или почетокот на следната седмица.

На почетокот на неделата, израелскиот премиер Нафтали Бенет и министерот за надворешни работи Јаир Лапид се согласија да го распуштат парламентот, по што ќе следуваат нови
избори, а во меѓувреме Лапид ќе биде вршител на должноста премиер. По распуштањето на Кнесетот, избори ќе се одржат во рок од 90 дена.

До стапување нво сила на законот за распуштање на Кнесетот, опозицијата може да се обиде да собере мнозинство од 61 пратеник, односно да се обиде да привлече десничари во сегашната коалиција. Ако успее во тоа, тогаш нема да има нови избори.

Бенет и неговиот главен коалициски партнер, Јаир Лапид, претходно неделава рекоа дека ги „исцрпиле сите обиди за стабилизирање на коалицијата” откако ја напуштија неколку членови на десничарската партија на Бенет „Десно” (Јамина).

Лапид и Бенет формираа коалиција во јуни минатата година, единствена во историјата на Израел бидејќи во неа се вклучени десничарски, централно-левичарски и левичарски партии и по првпат арапска партија. Со тоа заврши 12-годишното непречено владеење на Бенјамин Нетанјаху, лидерот на конзервативната партија Ликуд.

Врз основа на коалицискиот договор, предвидено е Бенет и Лапид да ротираат на чело на владата и Лапид да го замени Бенет во случај на распуштање на Парламентот.