December 2, 2022 10:20
Свет

Извинување од „Фокском” до вработените во фабриката за „ајфон” во Кина

Компанијата „Фокскон” која е добавувач на производи за „Ејпл” денеска објави соопштение со извинување за настаната „техничка грешка” во нејзините платежни системи, по вчерашните протести на вработените во најголемата фабрика за „ајфон” во кинескиот град Џенгџу.

Според соопштението, се работи за „техничка грешка во процесот на исплата”, како и дека платите на новоангажираните работници е соодветна на договореното односно како што било посочено во официјалниот оглас за вработување во компанијата.

Компанијата вели дека е во постојана комуникација со засегнатите вработени за платите и бонусите и прави се за да одговори на загриженоста и разумните барања на вработените.

Вработените во фабриката на „Фокскон” во Џенгџу вчера протестираа, незадоволни од политиката што по однос коронавирусот ја спроведува управата на фабриката и ветувањата дека ќе им бидат исплатени бонуси.

Оние кои ги пренесуваа протестите во живо на социјалните мрежи тврдеа дека работниците биле тепани од полицијата.

„Фокском” го затвори во карантин кампусот во Џенгџу минатиот месец поради зголемениот број случаи на инфекција со коронавирус, што резултираше многу од вработените да побегнат од работните места и да заминат дома.

Фабриката потоа ангажирала нови работници на кои им биле ветени огромни бонуси. Но, се чини работниците не ги добиле ветените бонуси, а се пожалија и на храната што им се дава додека се изолирани на работните места.

Според изјава на еден од вработните, биле сменети нивните договори за да не можат да ги добијат ветените субвенции, истакнувајќи дека биле ставени во карантин без храна.

Еден работник за „Би-Би-Си” изјавил дека вчера добил осум илјади јуани (околу 1.073 евра), а ќе добие уште две илјади јуани.

Вработен во „Фокскон” вели дека нема повеќе демонстранти надвор од фабриката и дека тој и неговите колеги ќе се вратат на работните места.

Во капацитетот во Џенгџу, што е најголемата фабрика за „Ајфон” во светот, се вработени повеќе од 200 илјади лица.