December 10, 2022 07:05
Балкан Македонија

Изборните резултати не водат кон стабилна влада во Бугарија, туку се вовед во нови избори, сигурна е само доминацијата на Радев

Изборните резултати од четвртите предвремени парламентарни избори што се одржаа на 2 октомври, не водат кон формирање стабилна влада во Бугарија, туку по се изгледа се вовед во нови избори, сигурна е само доминацијата на претседателот Румен Радев кој при такво сценарио би го именувал новиот службен владин кабинет.

Ова е оценката на политичките аналитичари и наши поранешни амбасадори во Република Бугарија Ѓорги Спасов и Марјан Ѓорчев.

Во коментарот за МИА, амбасадорот Спасов вели дека изборите во Бугарија покажаа дека во период од една година не се менува суштествено ниту јавното мислење ниту изборното расположение на граѓаните. Мнозинството од граѓаните се разочарани од партиите и од 6 милиони и 600 илјади избирачи, овој пат излегле на избори само 2 милиони и 600 илјди или помалку од 40 проценти од вкупниот електорат. Од излезените, околу 90 илјади, пак, одговориле дека не гласаат ниту за една од партиите и коалициите.

Истите седум партии што добија мандати на изборите во ноември 2021 години , односно пред помалку од една година, повторно добија мандати. Еденствената разлика е во тоа што сега ГЕРБ на Борисов има најмногу пратеници, Продолжуваме со промените е на второ место, а наместо популистичката партија на Слави Трифонов Има таков народ во Собранието по прв пат влезе партијата Бугарски подем што ја формираше поранешниот министер за одбрана и службен премиер Стефан Јанев. Гласовите на Има таков народ отидоа кај ултранационалистичката и проруска Преродба, формирана од поранешниот потпретседатл на ВМРО, Костадин Костадинов, и делумно се вратија кај ГЕРБ на Борисов, вели Спасов.

ГЕРБ освои 67 места од 240 во бугарското собрание, а Продолжуваме со промените на Кирил Петков 53, но посочува тој, ниту една од овие партии нема сродни политички партии со кои би можела да направи стабилно мнозинство за формирање влада. Двете партии не сакаат да коалицираат во влада со партијата на Турците (Демократската партија за права и слободи) , која стандардно си освојува 30-35 места во бугарското Народно собрание, обвинувајќи ја за корумпираност, ниту пак ќе коалицираат со ултранционалистичката и проруска Преродба. Тие две партии, од кои партијата на Кирил Петков се декларира дека му припаѓа на политичкиот центар, а партијата на Борисов на десниот центар, реално немаа големи програмски и идеолошки разлики, но се мразат меѓу себе и се во голем конфликт па е малку веројатно дека можат да соработуваат или да бидат во исто владино мнозинство, смета Спасов.

Според Ѓорчев, изборниот резултат во целост ги потврди предизборните социолошки предвидувања. Добиените гласови од бугарскиот народ ги насочуваат политичките партии кон компромиси и толерантен политички дијалог. Главните проблеми во бугарското општествено остануваат – борба со високата инфлација и обезбедување општествен мир, решавање на енергетските проблеми и справување со економската криза, влез во евро-зоната, воспоставување еквилибриум пмеѓу кредитно-монетарната и фискалната политика и реформи во судскиот систем.

-Распоредот на гласовите за одделни политички партии покажува дека во земјава постои огромен јаз помеѓу граѓаните, пред се, во однос на нивната материјална положба и поделба на сиромашни и богати, но и огромна идеолошка поделеност во контекст на определбата на граѓаните кои се за глобалниот светски концепт за иднината на човештвото, наспроти оние кои се определуваат за суверена, национална бугарска држава. Така што е сосема разбирливо дека поделбата на гласовите помеѓу левицата и децсните партии во Бугарија укажува на баланс помеѓу левицата и десницата што означува пат позиција и неможност да се оствари влада без широка коалиција што ги надминува идеолошките разлики помеѓу партиите. Обесхрабрува податокот што ултранационалната партија Преродба освои над 10 проценти од гласачкиот електорат, што означува силна позиција на националиститие во 48-то бугарско собрание, вели Ѓорчев.

Математички комбинаторики за парламентарно мнозинство

Спасов посочува дека резултатите покажаа дека новите избори не го менуваат значително изборното расположение. Сега ги има истите актери во Собранието, без ИТН на Слави Трифонов, со ослабена БСП зајакната Преродба и уште една мала партија во центарот, Бугарски подем со 12 пратенци.

Ако Бојко Борисов не успее да состави влада, тогаш Кирил Петков од Продолжуваме со промените, која ја има подршката и од претседатлот Румен Радев, можеби ќе се обиде да состави влада со старите партнери – БСП, Демократска Бугарија и новата партија Бугарски подем. Но, анализира Спасов, сите тие заедно имаат 110 пратеници, па за влада ќе им биде потребно вклучување на ДПС или на ултранциналистичката Преродба.

Од друга страна, на Бојко Борисов, подвлекува Спасов, ќе му биде тешко да состави влада, заради тоа што веднаш изјави дека нема да разговара со ДПС и со Преродба, а другите партии околу Кирил Петков досега не сакаа со него да разговараат за што било.

Оттука Бојко Борисов веќе нуди да биде создадена еден вид влада на широка коалиција, без ДПС и без Преродба, и тој да не биде ниту премиер, ниту министер, ниту пратеник. Дали тоа ќе биде доволно да седне да се разговара околу таква можност засега не е познато. Но, вели, во секој случај ќе оди тешко, и можно е Румен Радев да се најде одново во позиција да именува „службена влада” која ќе подготви нови избори.

Запрашан како ја толкувате изјавата на Борисов дека како победник на изборите со цел да се формира Влада, подготвен е на секакви компромиси и отстапки во името на народот и дека нема да биде премиер или министер ако тоа е потребно за да се формира функционална коалиција, Спасов вели оти тоа можеше да се очекува од него.

– Тој е задоволен од фактот што неговата партија одново има најголем број гласови и пратенички места во Собранието. Смета дека со тоа е исполнета неговата мисија, за враќање на политичката сцена по поразот на изборите и обидите за негово апсење и судење за корупција, и сега великодушно изјавува: „Еве јас не сакам да бидам пречка за соработка и избор на функционална влада”. Тоа е според мене, добар гест и потег и ако има волја од страна на партијата на Кирил Петков би било добро за Бугарија да се создаде владина коалиција меѓу партиите со јасна демократска и проевропска ориентација, без БСП и без Преродба, наведува Спасов.

За тоа дали претседателот Радев може да одигра улога во формирањето влада, Спасов вели дека тој веројатно не е среќен многу што ГЕРБ освои најголем број пратеници и што ќе треба на Борисов да му додели мандат за состав на владин кабинет.

– Како кандидат за претседател поддржан од БСП, Радев беше и е во остар конфликт со Борисов, и правеше се за да се остави ГЕРБ во опозиција. Без влада тој е единствената власт во Бугарија, а кога именува и премиери и влади по службена должност, неговата политичка моќ е уште поголема. Изјавата на Борисов дека е важно да се формира влада па и без него во неа, веројатно е добродојдена за Румен Радев, и тој од своја страна може да помогне во формирањето влада на широка коалиција, ако има интерес за такво нешто. Но, мислам дека ќе тактизира до последен момент и ќе ја користи својата позиција на наводен обединувач за да се создаде некаква влада врз која тој би имал пресудно влијание, оценува Спасов.

За Ѓорчев, пак, при постојните сложени внатрешни и надворешни геополитички состојби, имајки ја предвид кризата во ЕУ поради состојбите во руско-украинскиот конфликт, сосема е извесно дека политичките партии ќе мора да ги коригираат своите „црвени линии” и да се обидат да создадат амбиент на одговорно 48. Собрание и одговорна политичка Влада. Во тој контекст изјавата на Борисов, кој навестува дека е подготвен да не биде мандатар за состав на новата влада, но ќе се обиде да влијае да се создаде политичка влада на база на широка коалиција, не исклучувајќи ја дури и можноста од соработка со Продолжуваме со промените.

Сепак, од негов агол на гледање возможни се повеќе, поточно три постизборни сценарија. Првото е создавање на коалиција влада помеѓу десната коалиција ГЕРБ-СДС со партијата на етничкото турско малцинство ДПС-Движење за права и слободи и партијата десно од центарот Демократска Бугарија. Изборниот резултат диктира дека ваквата влада ќе има тесно парламентарно мнозинство од 123 пратеника во собранието кое брои 240 пратеничка места. Помеѓу ГЕРБ-СДС и етничката турска партија постои долгогодишна традиција на взаемна почит помеѓу лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов и почесниот претсдател и оснивач на ДПС-Движење за права и слобода Ахмед Доган.

Од друга страна, вели Ѓорчев, партијата Демократска Бугарија е составена од три партии, чии што членови се поранешни членови на „старата бугарска десница СДС”, така што деловите на СДС коишто се во коалиција со ГЕРБ и деловите од СДС кои што се дел од партијата Демократска Бугарија, ќе создадат силен десен коалиционен блок помеѓу старата и нова бугарска десница, засилен со константно стабилната и силна партија на турското етничко малцинство. Иако лидерот на Демократска Бугарија – Христо Иванов даде изјава дека нема намера да коалицира со ГЕРБ-СДС, треба да се почека да отпочнат преговорите за состав на новата влада.

-За вакво сценарио е потребно Бојко Борисов да изведе „политички лупинг”, да го отстапи премиерското место на проатлантскиот политичар Даниел Митов (екс – министер за надворешни работи), кој е прифатлива личност не само за ДПС и Демократска Бугарија, туку и за меѓународниот фактор, смета Ѓорчев.

Второто сценарио е доколку коалицијата ГЕРБ – СДС не успее да состави влада и го врати мандатот на претседателот Радев, тогаш е возможна коалиција на се уште политички непрофилираната партија Продолжуваме со промените со левицата составена од партиите БСП и Бугарски подем, како и прилагодливата партија од центарот Демократска Бугарија. Но, сите четири партии заедно имаат само 110 гласа во парламентот и не ќе може да обезбедат мнозинска влада без учество на ДПС – Движење за права и слободи.

-Очигледно е дека ниту бугарската десница, ниту бугарската левица не ќе можат да формираат владин кабинет без учество на етничката турска партија Движење за права и слобода. Коалицијата на бугарските десни или леви партии со ДПС, на извесен начин, е условена со прогресот на демократијата во Република Бугарија и разбирањето на важноста на граѓанската опција пред националшовинистичките варијанти на национален вознес. Де факто ДПС е тегот на бугарскиот политички кантар кој што го измерува капацитетот на бугарската демократија, коментира Ѓорчев.

Третото сценарио, додава тој, упатува на можност за создавање експертско-технократска влада. Оваа варијанта, сепак, смета Ѓорчев, е најмалку веројатна, имајќи ги предвид антагонизмите во бугарскиот јавен и политички живот, но постои како можност доколку се знае нужноста од проатлантски и проевропски профил на бугарската извршна власт и влијанието на САД и Унијата во политичкиот живот во Бугарија.

-Се разбира, можно е овие избори, сепак, да бидат само вовед во нови избори, што ќе треба да се одржат во периодот јануари-февруари 2023 година, што ќе значи повторна доминација на претседателот Радев и неговиот службен владин кабинет во политичкиот живот во Бугарија, потенцира Ѓорчев.

Бугарија и Северна Македонија – и со новата влада со стариот однос

Спасов и Ѓорчев го делат ставот дека и со новата влада не може да се очекува промена на ставовите на официјална Софија во односот кон Скопје.

Спасов наведува дека засега никој нема моќ тие ставови да ги промени. Сите се обрзани со Декларацијата на бугарското Народно собрание и со францускиот предлог кој го прифати и Северна Македонија.

-Притисокот ќе биде врз Македонија да се смени Уставот, а потоа следува долг период на разговори за членство во кој е можно подобрување на односите меѓу двете земји. И сега во двете земји се чуствуваа веќе замор од празна реторика, и станува досадно повторувањето на едни те исти работи. Соочени со заканите од можна светска војна ЕУ и САД ќе вршат притисок за побрзо решавање на спорови кои го спречуваат целосното интегрирање на Македонија во ЕУ. Покрај се, Бугарија во тој спор не е миленик ниту на САД, ниту на другите членки на ЕУ и тоа Македонија треба да го искористи, спокојно и без големо вознемирување, оценува Спасов.

Во услови на енергетска, економска и безбедноста криза со оглед на војната во Украина и како би се одразил на земјата и регионот евентуалниот неуспех за формирање влада, тој посочува дека не е уште јасно дали за една земја е подобро да нема влада, да има нестабилна и блокирана влада или да има лоша влада.

-За нас како сосед, би било убаво да се формира стабилна влада во Бугарија без учество на ултранционалистите, и да продолжи соработката на сите проекти за кои беа постигнати договори со владата на Кирил Петков. Но, тоа веќе најмалку зависи од нас. Ние ќе мора да соработуваме со секоја влада што тие ќе си ја изберат. Неспособноста на партијата Има таков народ да состави влада или да биде дел од некоја функционална влада ги чинеше исчезнување од бугарската политичка сцена и таа лекција сигурно ќе ја научат и другите партии во Бугарија, подвлекува Спасов.

Ѓорчев вели дека што и да се случи во Бугарија, независно од тоа дали ќе се формира широка коалицона Влада или ќе остане техничкото управување со државата од страна на претседателот Румен Радев, ништо нема да се промени во односот на бугарските институции – Претседател, Собрание, Влада кон РС Македонија.

-Ние сите во македонска држава треба еднаш да разбереме, дека вековната бугарска стратегија кон тн „македонско прашање” е научно фундирана, пренесена на генерации и генерации бугарско население преку образовниот систем и социјалниот инжењеринг, така што ниту една политичка гарнитура во Р. Бугарија нема сили да излезе од тој „општествен шаблон” во кој што едноставно кон нас Македонците-како држава, нација, јазик, се гледа исклучиво низ призмата на наше државничко и национално постоење од 2 август 1944 година. Тоа е огромен товар на плеќите на бугарската политика, така што ќе биде потребен долг период на време да се дојде во Р Бугарија до сознание, за потребата од рамноправен и симетричен дијалог во двонасочната македонско-бугарска комуникација, подвлекува Ѓорчев.

Конечни резултати

Според конечните резултати што ги објави бугарската Централна изборна комисија, најмногу гласови на изборите на 2 октомври, освои коалицијата на конзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и демохристијанскиот Сојуз на демократските сили (СДС) на Румен Христов, за која гласале 634.649 граѓани на Бугарија или 25,33 проценти од оние што го искористиле своето гласачко право. На второ место се пласира блокот предводен од либералната партија Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков и на екс-вицепремиерот и министер за финансии Асен Василев, со освоени 506.071 глас или 20,20 отсто.

Центристичката партијата што ги застапува интересите на бугарските Турци, Движењето за права и слободи (ДПС) се најде на третото место со 344.625 гласови или 13,76 проценти. Четврта политичка сила според освоените гласови по овие избори е ултранационалистичката, деснопопулистичка и русофилска партија Преродба на Костадин Костадинов, формирана во 2014  година од дисиденти на ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), за која гласаа 254.925 државјани на Бугарија или 10,17 отсто. Коалицијата БСП за Бугарија, што ја предводи социјалдемократската Бугарска социјалистичка партија (БСП) на донеодамнешната вицепремиерка и министерска за економија и енергија Корнелија Нинова, освои 232.947 гласови или 9,30 отсто. На шестото место се најде блокот Демократска Бугарија (ДБ), во кој членува и либерално конзервативната партија Демократи за силна Бугарија (ДСБ), чиј основач е поранешниот премиер Иван Костов, а чиј актуелен лидер е Атанас Атанасов, со освоени 186.511 гласови или 7,44 проценти.

Изборниот праг од четири проценти го мина само уште коалицијата предводена од национал-конзервативната и евроскептична партија Бугарски подем (БВ) на поранешниот технички премиер и министер за одбрана Стефан Јанев, за која гласале 115.867 избирачи или 4,62 отсто.

По три избори во изминативе година и половина на кои освојуваше места во Народно собрание, на ова гласање популистичката партија Има таков народ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов остана под изборниот праг добивајќи 96.065 гласа или 3,83 проценти. Над еден процент од гласовите освои само уште центристичката партија Исправи се Бугарија на поранешната бугарска народна правобранителка Маја Манолова, за која гласаа  25.207 избирачи или 1,01 отсто. Сите останати, вкупно на број 22 партии, коалиции и независни кандидатски листи, освоија под еден отсто од гласовите, меѓу кои и ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, која доби 20.177 гласа или 0,81 отсто.

Согласно вака освоените гласови, во следното Народно собрание коалицијата ГЕРБ-СДС ќе има 67 пратеници, Продолжуваме со промените (ПП) 53, ДПС 36, Преродба 27, коалицијата БСП за Бугарија 25, блокот Демократска Бугарија (ДБ) 20 и коалицијата на Бугарски подем (БВ) 12 мандати.