June 17, 2019 17:37
Култура

Играните филмови на Кирил Ценевски во ДВД-издание

Дигитално реставрираните филмови „Црно семе”, „Јад”, „Оловна бригада” и „Јазол” на режисерот Кирил Ценевски денеска беа промовирани во ДВД, во издание на Кинотеката на Северна Македонија.

Филмовите се жанровски различни – од логорската драма во „Црно семе”,  историски и библиски мотиви кај „Јадот”, социјалниот ангажман во филмот „Оловна бригада” и воена психолошката драма во „Јазол”.

Продуцентот Влатко Галевски на промоцијата посочи дека Ценевски го врзал филмскиот јазол за кој, како што рече, никој не го нашол мечот што ќе го пресече.

– Ценевски ја покажува својата бунтовност насочена не кон човекот, не кон луѓето, туку кон системите, кон прангите и кон конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките што ја лимитираат уметноста и животот. Тоа го покажа во третирањето на поезијата и поетиката на Струшките вечери. Веќе во тие документарни портрети Ценевски прави концептуален исчекор користејќи декомпонирани и скратени делови, внесувајќи духовитост на симпозиумите, рече Гелевски.

Според Гелевски, насловите на филмовите на Ценевски зборуваат за жанровска космополитост и тематска конзистентност: црно е бојата што е доминантна. Јадот е човековото проклетство. Оловно тежок е патот во животите на човекот и јазолот како метафора на компликуваниот свет во кој живееме.

-Ваква е перцепцијата на душевната и физичката состојба кај режисерот Ценевски. Неговата оставштина го победи времето. Овој поттик на дигитализација на четирите филмови е вистинскиот доказ дека уметноста едноставно не може да се уништи. Екранот нема лимит. Нема рамка. Во таа смисла, за Ценевски филмот е цивилизациски дијалог. Уметноста на Ценевски едноставно не трпи еуфорија ниту лимитирање. Таа е само документ што е вечна борба со кичот, тоа е чисто и вредно културно наследство, додаде Гелевски на промоцијата, на која присуствуваа српскиот актер со македонско потекло Лазар Ристовски и актерката Костадинка Велковска.

Нови вести

Промоција на книги од Санде Стојчевски, Елена Пренџова и од Стефан Марковски

Igor

Фестивалот за критичка култура „Крик“ почнува утре

zane

„Статуафест и баскеркараван“ од 20 до 22 јуни во Скопје

zane