December 8, 2022 23:25
Живот

Зошто на жените им е постудено отколку на мажите?

Како што заоѓа сонцето, жените се секогаш првите кои се жалат дека им е студено. Научниците конечно ја решија мистеријата и одговорија на прашањето зошто е тоа така.

Тие веруваат дека жените еволуирале за да го чувствуваат студот поинтензивно затоа што ги раздвојува половите и ги спречува конфликтите меѓу паровите. Откриле дека истата карактеристика е присутна кај многу птици и цицачи, при што женките претпочитаат пријатно и топло гнездо или дупка, додека на мажјаците не им пречи толку зимата, пишува „Index.hr“.

„Мажите и жените поинаку ја чувствуваат температурата. Таа разлика не настанала за да се расправаме со нашите партнери околу греењето, туку сосема спротивното. Од еволутивна гледна точка, целта е да се натера парот малку да се оддалечи еден од друг како би секој можел да ужива во мирот и тишината“, вели д-р Еран Левин од Универзитетот во Тел Авив.

Кај птиците преселници, мажјаците ја поминуваат зимата во постудени области од женките. И женските лилјаци имаат тенденција да се собираат во пријатен агол, додека мажјаците сакаат да се шират во воздушни премини.