December 3, 2022 11:08
Македонија

ЗНМ и Гете институт Скопје презентираа новинарски содржини од социјален карактер

Новинарски текстови и мултимедијални продукти од социјален карактер кои имаат за цел да поттикнат теми од јавен интерес и соработка помеѓу новинарската фела, беа презентирани денеска од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Гете институт Скопје.

 

Четирите новинарските содржини се изработени во соработка и мониторирани од страна на тричленото жири во состав Анета Додевска, Филјана Кока и Теофил Блажевски.

Александра Максимовска, дописник од МИА и Сузана Андоновиќ од Радио „Бум” се претставија со тема која се однесува на дискриминација на жените Ромки, Бобан Јовановиќ од Радио „Мост” и Магдалена Стојановиќ од ТВ Сонце со темата „Како до успешна ресоцијализација на поранешните затвореници”, Александра Ристевска новинар од ТВ Алфа и Виолета Кожинкова од ТВ 24 изработија тема насловена „Селата во Источна Македонија без денар” и Теодора Цветковска од „Пина” и Даниел Василев од 360 степени во медиумскиот продукт се фокусираат на Лицата со попреченост.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски на промоцијата истакна дека овие стории се доказ за едно вмрежување помеѓу новинарите и редакциите.

-Вмрежувањето навистина е битно за целата новинарска фела, бидејќи заедничката акција дава подобри резултати, отколку кога делуваме еден по еден. Темите на кои се работеше беа претежно од социјален карактер и беа опфатени прашања кои се однесуваа на перцепциите на општеството за личниот живот на луѓето, честопати ние како учесници на општеството. Знаеме дека постојат различни проблеми, но заради различни причини не успеавме да им го дадеме значењето кое го заслужуваат, тие понекогаш невидливи луѓе во нашето опкружување, на кои едениствен кој може да им даде гласност се новинарите во отсуство на акција на институциите на државата, и кога нив ги нема, тука сме ние да им ја дадеме гласноста, изјави Чадиковски.

Додаде дека темите допираат повеќе слоеви во општеството и информира дека ваквите иницијативи ќе продолжат и во иднина.

Катрин Оствалд-Рихтер, раководител на Гете-институт Скопје, изрази задоволство од содржините и потенцира дека медиумите се тие кои ги документираат социјалните проблеми во државата и дека поради тоа имаат круцијална улога во општеството.