December 9, 2022 13:17
Македонија

Злоупотребено името на Пановски за лажна реклама: „Не рекламирам чај за паразити, ниту некаков лек“

Докторот Никола Пановски тврди дека бил жртва на интернет реклама. Тој се огласи нагласувајќи дека не рекламира чај за паразити, ниту некогаш ќе рекламира некој лек или лековито средство.

-Драги пријатели, еве и мене ми дојде редот. Се видов со слика и текст. И до сега сум реагирал за да ги заштитам моите колеги. Група хохштаплери и криминалци од најдолен вид, со години, преку социјалните мрежи злоупотребуваат угледни доктори, професори, дел постојат, дел се измислени. Неовластено користат нивни фотографии, нивното име и титула, постираат нешто што тие не го кажале, па потоа продолжуваат со измислени пациенти, како тоа средство им помогнало итн. На крајот производот го продаваат онлајн, за висока цена. Неовластено се богатат злоупотребувајќи го нашиот углед стекнат со децении. Јавно лажат!!!, револтирано напиша Пановски на социјалните мрежи.

Тој побара од надлежните институции да реагираат и да ги уапсат, како што вели, овие криминалци.

-Ова трае со години, на очиглед на десетина институции кои ние ги плаќаме да не заштитат: пациентите од лажни и непроверени производи, нас како стручни лица, злоупотребени на најдрзок начин, додава епидемиологот.