December 8, 2022 23:30
Македонија

Зеќири сведочеше против Рашковски: Немаше владина одлука за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци

Мухамед Зеќири, кој го наследи Драги Рашковски на функцијата генерален секретар на Владата, денеска во судница сведочеше дека при примопредавање на функцијата не бил запознаен со двата софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, за кои се води судски процес во кој токму Рашковски е првообвинет.

За да сведочи во судскиот процес за неговиот претходник, Зеќири беше спроведен од куќен притвор каде се наоѓа со одлука на судот бидејќи е осомничен во случај за склучување договор за консултантски услуги односно за изработка на физибилити студија за „Пошта на Северна Македонија“.

Тој рече дека ниту на седниците на Владата, на кои тој присуствувал, не се разговарало за двата софтвери за кои се гони Рашковски. На прашање на обвинителката Ивана Трајчева дали Генералниот секретаријат има надлежност да утврдува брзина на движење на возила и да изрекува казни, Зеќири рече дека, колку што му е него познато, Владата не го прави тоа.

Тој кажа и дека според одговорите што му ги доставиле службите додека бил на функцијата, Владата немала одлука да се набави ваков софтвер, по што следуваше и прашање од обвинителката за тоа која е процедурата за да се направи набавка за друга институција алудирајќи на потребите на МВР, како што тврдеше Рашковски кога беше обелоденет случајот.

Тој одговори негативно и на прашањата дали пронашол документација дека се формирани работни групи за имплементација на софтверот и дали тој бил ставен во функција.

И за софтверот за биометриска идентификација Зеќири посочи дека не бил ставен во функција додека тој бил генерален секретар и потврди дека кабините кои биле набавувани за овој софтвер не биле во Владата.

Во серијата прашања што му ги постави Трајчева, последните се однесуваа на ангажирањето на хонорарци во Генералниот секретаријат, од кои дел седат на обвинителна клупа со Рашковски.

Зеќири рече дека лично не ги познава, но им ги знае имињата од списокот што го видел за ангажирани лица. Точно, посочи, не знае за што биле ангажирани, но дел работеле со Рашковски.

Рашковски, пак, со своите прашања упатени до неговиот наследник на функцијата, се обиде да докаже дека нема ништо спротивно на законот при набавките на двата софтвери. Па така го праша Зеќири дали е точно дека како Генерален секретаријат имале право самостојно да ги носат одлуките за потребите за реализација на јавни набавки и дали е точно дека не им била потребна одлука на Владата, на што Зеќири му одговори потврдно.

Рашковски со прашањата се обидуваше да ги дискредитира и другите одговори што Зеќири ѝ ги даде на обвинителката, па така прашуваше дали постои писмена евиденција дека е направена проверка дека софтверот за биометриска идентификација го нема, дали побарал пристап до софтверите на Владата за да се види дали е инсталирана апликацијата за софтверот за сообраќајни прекршоци, дали направил анкета меѓу вработени дека не е спроведена обука на вработените за имплементација на тој за биометриска идентификација итн.