February 3, 2023 13:50
Македонија

Зечевиќ од Кривогаштани: Интеграцијата е гарант за заштита на македонската посебност, традиција и култура

Интеграцијата е клучна алка од остварувањето на македонскиот вековен стремеж, младите македонски генерации да имаат сигурна иднина, со сета своја посебност, традиција и култура, рамо до рамо со народите од големото европско семејство, порача вечерва генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, на работен состанок со членовите и симпатизерите на партијата од општина Кривогаштани.
Зечевиќ додаде дека државата сега е исправена пред уште еден предизвик да ја заокружи интеграцијата  и на тој начин македонскиот идентитет да се интегрира во комплексниот европски идентитет.
-Од никулците за создавање слободна македонска држава до денешните процеси на новото време и новата поставеност на светот и Европа суштински важно било препознавањето на овие глобални текови и јасно национално позиционирање. Сега имаме нова историска шанса, објективното да ги согледаме можностите и заеднички да делуваме, целосно да се интегрираме во Унијата. Затоа што интеграцијата е гарант подобар живот  и сигурна македонска иднина. СДСМ како државотворна партија го предводи овој процес, но потребно е широко обединување за целосно остварување на македонските интереси, интересите на нацијата, на државата и интересите на сите наши граѓани., рече Зечевиќ.