February 3, 2023 11:02
Свет

Зеленски до Украинците: Доаѓаат нови напади, Русите нема да се смират се додека имаат проектили

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави доцна синоќа дека Русија сигурно ќе изврши нови ракетни напади врз неговата земја и ги повика армијата и граѓаните да се подготват да го издржат товарот на електричната мрежа следната недела.

Во Киев падна снег, а температурата на воздухот е околу нулата. Градските власти најавија дека работниците наскоро ќе го обноват снабдувањето со струја и вода, но поради високата потрошувачка се воведени одредени ограничувања.

Милиони луѓе во и околу Киев се соочуваат со прекин на електричната енергија поради руските ракетни напади.

„Знаеме дека терористите планираат нови напади“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање.

„За жал, се додека имаат проектили, нема да се смират“, додаде тој.

Зеленски рече дека претстојната недела може да биде исто толку тешка како и минатата недела, која беше обележана со руски напади врз електроенергетската инфраструктура што ги остави Украинците да се соочат со најголемите прекини на електричната енергија од почетокот на инвазијата во февруари.

„Нашите одбранбени сили се подготвуваат. Целата земја се подготвува“, рече Зеленски. „Ги разработивме сите сценарија, вклучително и со нашите партнери“, додаде тој.

Неделата беше релативно мирна без разорни напади врз Киев или други поголеми градови. Командата на украинската армија соопшти дека руските сили извршиле четири ракетни напади во реонот на Дњепропетровск и дека повеќе пати биле насочени кон цивилни објекти.