December 9, 2022 00:38
Свет

Зеленски ги повика припадниците на малцинствата во Русија да се спротивстават на мобилизацијата

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика припадниците на малцинствата низ Русија да се спротивстават на обидите за мобилизација, порачувајќи им дека не мора да загинат во „срамната војна”.

Зеленски го изјави ова во видео порака пред церемонијата денеска во Кремљ што ќе го одбележи припојувањето на четири украински региони под руска окупација кон Русија.

„Не мора да умрете во Украина. Вашите синови не мора да умираат во Украина”, рече Зеленски, стоејќи до споменикот во Киев на имамот од Кавказ.

Тој рече дека Русија е изолирана поради војната што ја сака само претседателот Владимир Путин, кој „нема да запре” на првиот бран на мобилизација.

„Ќе има повеќе. Ќе се обидат да одземат повеќе животи… никој не мора да учествува во срамната војна”, рече Зеленски.

Во воените контингенти кои беа испратени во Украина се претежно припадници на малцинствата, главно од кавкаскиот регион на југот на Русија и од Сибир, а во некои сиромашни делови на земјата имаше протести против масовната мобилизација.

Над 100 лица беа уапсени во протестите што избувнаа во Дагестан минатата недела.