January 16, 2021 14:52
Македонија

Зголемен водостојот на Охридското Езеро

За два сантиметра е зголемен водостојот на Охридското Езеро, а нивоата на другите две природни езера во земјава се исти со вчерашните иако Преспанското Езеро за 34 сантиметри го има надминато апсолутниот минимум, покажуваат последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Сепак, водостојот на Охридското и на Преспанското Езеро е понизок од просечниот и тоа за 14 сантиметри кај Охридското и за 1,37 метри кај Преспанското Езеро, додека нивото на Дојранското Езеро е за три метри повисоко од повеќегодишниот просек за јануари.

Водостоите на сите реки во земјава се повисоки од просечните, но бележат намалување во однос на вчера. Исклучок е реката Црн Дрим на мерното место во Ложани каде водостојот е повеќе од двојно понизок од просекот за овој месец.