February 2, 2023 02:23
Македонија

Зајкова за 24инфо: Жалам што имаме ниска државничка свест и што не може да се надминат тесно партиските интереси на сметка на државните

Стабилноста на парламентарното мнозинство не е условена со уставните измени и не се работи за тоа дали мнозинство ќе обезбеди 80 пратеника туку од опозициската волја да учествува во државничките процеси за кои 2/3 мнозинство е неопходно, вели во интервју за 24 инфо пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова.

Слушајќи ги изјавите на опозицијата, но и од она што можам да го забележам во неформалните кулоари не полагам големи надежи, што е на штета на државниот интерес, сепак не би исклучила и евентуална промена на нивниот став во иднина, бидејќи има и аргументи кои го налагаат тоа. Жалам што имаме ниска државничка свест и што не може да се надминат тесно партиските интереси на сметка на државните, додава таа.

Според неа јасно е дека идеолошки партиите се разликуваат и може да имаат различни мислења по однос на одредени политики, но за тоа во кој правец ќе оди државата сите треба да се обединети.

-Во крајна линија, собраниските одлуки се по слободната волја на секој пратеник воден од сопственото убедување за иднината на државата согласно поставените стратешки цели и исправен пред предизвикот да придонесе за нејзиниот развојот макар тоа го чинело личен или партиски рејтинг, вели Зајкова.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски веќе извесен период бара предвремени парламентарни избори, велејќи дека има пратеници и од парламентарното мнозинство кои му праќале сигнали дека и тие биле за распуштање на Собранието. Колку е возможно ваквото сценарио и дали парламентарното мнозинство е стабилно?

Мојот личен став е дека предвремени избори во овој неповолен момент на економска и енергетска криза проследен со војна која се случува на европскиот континент, не треба да има.

Парламентарното мнозинство е стабилно, што е основен предуслов за непречено функционирање на државата, проблемите се менаџираат и нема ескалација на политичка криза, односно нема ниту една добра причина за трошење на дополнително време и средства за предвремени парламентарни избори што би ја закочиле државата во и онака сложената ситуација на макро ниво. Треба да се научиме она што е законодавецот го предвидел како исклучок да не го воспоставуваме како основно правило што беше случај на честа пракса во минатото.

Секои избори го забавуваат развојот на државата, повторно наидуваме на блокирани институции во делот на надлежностите, но и се товар на буџетот кој е наменет за граѓаните.

Сепак, искуството ни укажува дека во политиката се е можно, поради што не би ја исклучила и таа мала шанса за предвремени избори, која доколку се реализира, се надевам дека ќе се заснова на врвниот државен и стратешки интерес, наместо теснопартиските или личните интереси на малкумина што истиот ќе го поткопаат.

По однос на изјавата дека имало пратеници и од парламентарното мнозинство кои праќале сигнали дека се за распуштање на Собранието искрено не би шпекулирала затоа што едно такво сценарио со интерпелација веќе видовме како заврши пред околу една година. Пратеничката функција носи со себе интегритет и одговорност при носењето одлуки и истата не треба да се користи за политичко пазарање, но во насока на се она што овозможува подобро утре за граѓаните и државата.

Во Собранието се уште стојат блокирани многу важни закони. Ќе успеете ли да ги одблокирате и тие конечно да бидат донесени?

Иако Собранието функционира и овозможува основа за нормален тек на државата особено при справувањето со актуелната криза и парламентарното мнозинство  е единствено кога станува збор за законски решенија од државен и граѓански интерес, сепак имаме недоволна ефикасност во работата која граѓаните ја очекуваат и треба да ја почувствуваат во реалниот живот. Преку низа усвоени законски решенија овозможвме конкретни мерки како што се повисоките пензии, повисока минимална плата, досега највисока просечна плата, студентски оброк, реални антикризни мерки за граѓаните од ранливите категории и бизнис секторот. Би било некоректно ако не нотирам дека во дел од мерките кои се усвојуваат може да се забележи и придонесот од опозицијата, што е за почит.

Но,опозициските блокади на законските решенија проследени со долготрајни комисиски беседи со кои се сака да се создаде слика дека некој нешто прави, во суштина е работа чиешто равенство е чиста нула.

Нашите долги беспредметни собраниски дискусии, меѓупартиските обвинувања и активните блокади  не им носат никаков навремен бенефит ниту на граѓаните ни на државата. Тие сакаат да видат конкретни резултати, а не празна реторика.

Впрочем и најголемата забелешка во последниот извештај за подготвеноста на Македонија за членство ЕУ беше упатена кон Собранието, со критики за недоволно носење на закони.

Сеуште имаме низа законски решенија кои треба да овозможат напредок, а се закочени во матичните работни што е крајно неодговорно. Но, изразувам надеж дека оваа година наместо политичка ирационалност ќе не следи прагматичност и политичка зрелост, што доликува на држава подготвена да ги започне преговорите со ЕУ.

Вие сте и претседателка на ЛДП, каква е состојбата во партијата и што сè се случи на внатрепартиски план откако вие ја презедовте лидерската позиција?

Политиката е борба на идеи, но и влијание. ЛДП ќе работи дополнително на зголемување на своето влијание врз креирањето на државничките одлуки, затоа што во партијата има доволно акумулирана мудрост, знаење и институционална меморија како значаен инпут за визијата за државата. Ние сме партија помала по број на членови, но не и по број на предлози и законски решенија кои го подобруваат животот на граѓаните. Од своето основање до денес ЛДП учествувала во креирањето политики и носење на одлуки и закони кои служеле на интересот на граѓаните, но и го трасирале европскиот пат на државата. Секоја партија, па и индивидуа може да поднесе предлог или иницијатива за одредена работа. Како политичка партија задачата ни е да иницираме и предлагаме решенија, но и да лобираме истите да бидат усвоени и имплементирани. Заради потсетување ќе наведам само некои од предлозите на ЛДП кои оваа Влада ги прифати: субвенциониран студентски оброк, недела – неработен ден, проширување на основите за дискриминација и брзо носење на Законот за спречување и заштита од дискриминација, викенд без ДДВ, задржување на рамниот данок, регулирање на пазарот на криптовалутите, нов Закон за рамномерен регионален развој, обезбедување мерки за младите, развој на младинската политика итн. Актуелна тема која е важна а има цел кратење на непродуктивните трошења во буџетот, како ЛДП бараме намалување на бројот на членови на управни и надзорни одбори, затворање или спојување на агенции кои имаат исти надлежности, како и намалување на износот на месечните надоместоци на членовите на одредени тела, особено во време кога владее економска криза.

Ние нема да дозволиме парите на граѓаните да се расфрлаат кај лица кои извршуваат повеќе функции наеднаш. Без разлика дали се од власта или од опозицијата, прашањето за намалување на овие надоместоци не е проблем на јавното мислење, туку на високите суми особено во економска криза, кога треба да се покаже солидарност и соработка на институциите, затоа треба да има лимит, месечно да не може да се надминува сумата на надоместокот за членот во одредена комисија или одбор над минимална плата во земјава.

Партијата на последното редовно изборно Собрание покрај претседател и генерален секретар избра и членови на Централниот одбор и Советот како објективно тело сочинето не само од партиски истакнати членови, но и истакнати поединци во општеството.

Она што предстои и седница на Централниот одбор која ќе се одржи на 28-ми јануари, а на која ќе бидат комплетирани и останатите органи на партијата односно ќе се изврши избор на членови на Извршниот одбор, потпретседатели, меѓународен секретар, а воедно ќе се усвои и предлог датум за оджување на тематски Конгрес на кој партијата ќе ја промовира својата партиска програма односно Либерални иницијативи за наредните четири години од кои најголем бенефит и олеснување треба да добијат граѓаните.

ЛДП ќе соработува и коалицира за доброто на државата и граѓаните, но и ќе се факторизира на домашно и меѓународно ниво како сериозен политички фактор без кој не би можела да се формира ниту една Влада и кој независно дали е на власт или опозиција е партнер со граѓаните и конструктивен коректив на власта.

Во јавноста сте поборник за правата на младите и жените, што ЛДП ќе преземе во следниот период за да го унапреди квалитетот на живот на младите?

Искрено се радувам што навистина се гледа волја од страна на младите за соработка и активно учество во општествено-поитичкиот живот и креирањето политики.

Сакам да ги охрабрам сите младите луѓе да бидат активни чинители во процесот на креирање и носење на одлуки, бидејќи секоја одлука се однесува токму на нашата сегашност и иднина.

ЛДП  дава безбеден  простор на младите луѓе, каде што слободно ќе можат да го изразат своето мислење, да дебатираат, аргументираат и бидат со развиена критичка мисла, нешто без кое што не може да опстане ниту една современа демократска држава.

Во делот на иницијативи за млади во кои сме учествувале како политичка партија како успешен ќе го издвојам Законот за младинско учество и младински политики кој дава можност за поголема вклученост на младите во носењето одлуки преку локалните  младинските совети, субвенционираниот оброк, младински стандард, младинска гаранција, градење партнерски однос со младинските организации, средношколците и студентите, но и иницијатори на процеспт на воспоставување пристап на отвореност и координација помеѓу институциите и младите. Понатаму дел од предлагачите на мерката младински додаток за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование кои работат во производството. Во периодот кој следи доколку ја добиеме поддршката, ќе го донесеме Закон за младинска работа, во партнерски однос со средношколците даваме поддршка на нивниот Предлог за измени на законот за средно образование кој го опфаќа делот за средношколско организирање, а воедно ја разгледуваме можноста за предлагање на законски прописи со кој ќе се овозможи редовен работен однос на редовните студенти на одреден број часови, како и измени кои ќе им го олеснат пристапот на младите луѓе при во процесот на самовработување и основање бизнис. Членови од подмладок на ЛДП учествуваат во процесот за креирање на Национална стратегија за млади. Ова се само мали чекори, иако секогаш можеме повеќе и младите заслужуваат повеќе.

Воеднобараме да се воспостави мрежа на старт-ап амбасадори од луѓе кои живеат и работат во Северна Македонија со луѓе кои живеат и работат во поголеми технолошко напредни центри во Европа и светот, да создадеме Фонд за млади умови кој претставува финансиска поддршка во повеќе сегменти на развојот на критичкиот и креативниот потенцијал кај децата и младите.

Како партија сметаме дека како држава паралелно треба да инвестираме  во градење на стратегија како да ги задржиме младите дома, но и brain-gain  стратегија односно како да создадеме услови и можности да привлечеме млади од други земји да дојдат да студираат, работат и живеат во Македонија.

Убедена сум дека како сегашните, така и идните генерации имаат потенцијал да напредуваат, создаваат и да бидат успешни во своите професии.

Државата, па и политичките партии мора да создадат простор, можности и да инвестираат во младите умови, да ги слушаме нивните визии и идеи уште во самиот цут и процес на нивното образование и убедена сум дека само така нема да имаме проблем да ги задржиме во нашата земја, но и ќе привлечеме млади од други земји да дојдат кај нас.

Остварливо ли е сценариото на Владата и премиерот Ковачевски за полноправно членство во Унијата до 2030 година?

Се зависи од нашата политичка зрелост. Јас не би се врзувала за конкретни години, но на конкретни политики кои значат реформа на државата и кои ја прават уште по посакуван партнер на Унијата. Ние и геогравски и цивилизациски припаѓаме на Европа и тоа не може никој да ни го оспори. Искрено би сакала полноправното членство во Унијата да се случи и многу побрзо од 2030 година бидејќи јас сум од онаа генерација која порасна со ваквиот сон. Ништо не е невозможно но се зависи од тоа колку како политичари ќе покажеме сериозност и волја на овој пат и колку ќе покажеме спремност да ги надминеме интересите на партиите и популизмот и да спроведеме вистински реформи во клчни и значајни области кои ќе значат чекор поблизу до целосна интеграција. Притоа треба да водиме сметка дека е Европската Унија има избори во 2024 година и да го искористиме позитивниот момент за брзо оточнување на преговорите и отворање на поглавјата.

За крај, која е вашата најголема желба за 2023 година?

Посакувам сите да имаме добро здравје и позитивен дух бидејќи само така може да живееме во хармонија. Мирот и љубовта да ги надвладеат војната и злото. Да биде година по која ќе се памети крајот на сите кризи, на брзо економско заздравување, стабилност и напредок, како и подобар животен стандард за секој граѓанин.

Поврзани вести

Регистарските таблички со ознаката МК треба да се заменат до 12 февруари 2024 година

Dragan Nikolovski

Дизелот поевтинува, цената на бензините останува иста

Igor

Ковачевски денеска имаше средба со Таравари

admin