October 21, 2020 15:56
Култура

Заштита на културното наследство- врвен приоритет за министерката за култура Стефоска

Заштита на културното наследство, санирање на штетата од проектот Скопје 2014, ревидирање на Колективниот договор, обезбедување услови за работа на културните работници, одбележување два јубилеја-50 години од смртта на Параскева Кирјази и 100 години од раѓањето на Блаже Коневски, отворање и затворање на поглавјето 26 од преговорите со ЕУ; кое се однесува на културата, се дел од приоритетите во програмата на новата министерка за култура Ирена Стефоска.

Врвен приоритет за Стефоска е грижата за нематеријалното културно наследство, со акцент на градот под закрила на УНЕСКО Охрид, потоа, црквата од 12 век, Свети Ѓорѓи во Курбиново и манастирот „Успение на Пресвета Богородица” во Матејче.

– Црквата во Курбиново е од 12 век, што значи не е само наше културно наследство, туку е и светско добро. Ќе побарам таа да биде прогласена за културно наследство во опасност. Со тој статус ќе се мобилизираат стручните лица и меѓународни експерти, за трајно решавање на тој проблем, истакна Стефоска.

Таа рече дека иницијатива за прогласување на културно наследство во опасност била поведена и за манастирот во Матејче, но сè уште не е одобрена.

Министерката за култура лично ќе ги обиколи спомениците од Втората светска војна за да види во каква состојба се. Таа рече дека антифашистичката борба е многу важна и дека младите генерации треба да живеат во духот на антифашизмот.

Стефоска истакна дека проблемот со задоцнетите плати во културата се решил и се решава со макотрпна работа.