December 3, 2022 09:09
Свет

Захарова: Северен поток е саботиран на места кои се под контрола на американските разузнавачи

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека истекувањето на гас во близина на брегот на Данска и на Шведска се случи во подрачје врз кое „Вашингтон има целосна контрола”.

– Тоа се случи во трговските и економските зони на Данска и Шведска. Тоа се земји кои се целосно под контрола на американските разузнавачки служби, истакна Захарова во интервју за телевизијата „Соловјев лајф”.

Таа не наведе докази за нејзиното тврдење дека Шведска и Данска се под американската контрола.

Европска Унија се сомнева во саботажа како причина за истекувањето на подморскиот руски гасовод кон Европа и вети „силен” одговор на секое намерно нарушување на нејзината енергетска инфраструктура.

Иако ниту еден од цевководите не бил во употреба во моментот на подводните експлозии, и двата биле полни со гас кој истекувал во Балтичкото Море, а првото истекување беше забележано на 26 септември. Шведската крајбрежна стража денеска соопшти дека е откриено уште едно истекување на гас од Северен поток 2.

– Две од четирите истекувања се во ексклузивната економска зона на Шведска. Другите две истекувања на гас се во данската ексклузивна економска зона, изјави портпаролката на шведската крајбрежна стража Џени Ларсон.