October 25, 2020 00:22
Македонија

Зафировски беше бранител на Груевски

Поранешниот потпретседател на Интегра, Воислав Зафировски, кој заедно со дел од членови и раководството на партијата денеска преминаа во ВМРО-ДПМНЕ беше бранител на проектите на Никола Груевски додека беше претседател на Антикорупциска.

Немам впечаток дека Државната комисија е приклонета кон која било страна, зашто работиме согласно со законот, изјави претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Воислав Зафировски во Неделното интервју на Радио Слободна Европа, коментирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека ова тело е продолжена рака на власта. Опозицијата имаше можност, право и обврска, вели Зафировски, сите свои забелешки по однос на кадровските решенија да ги каже, да ги презентира на вистинското место, во рамките на Собранието на Република Македонија и во рамките на комисијата за избори и именувања.

– Тие таму не се појавија, така што сите разговори надвор од официјалните места наликуваат на женски муабети кои едноставно не заслужуваат коментар, истакнува Зафировски. На прашањето дали има место за сомнеж за корупција во делот на јавните набавки и анекс договорите во проектот Скопје 2014, зашто со анекс договорите дополнително се зголемува првично договорената цена, Зафировски вели дека Законот за јавни набавки дозволува и овозможува да се прават анкес договори кои можат да ја зголемат вредноста на одреден објект или на одредена договорна услуга за одреден процент.

– Во тие рамки ние досега немаме сознание од остварениот увид во документацијата која се однесува на проектот Скопје 2014 дека има прекршување на законски утврдените лимити, но Државната комисија за спречување на корупција секогаш кога ќе има вакви инфомации, ќе ги стави под лупа, изјави Зафировски во интервјуто за Радио Слободна Европа.