October 1, 2022 12:37
Скопје

Започнува доградбата на ОУ „Блаже Конески” во Аеродром

Основното училиште „Блаже Конески” во Аеродром наскоро ќе добие современа доградба и проширување на капацитетите, при што ќе се обезбедат десетици нови училници, мала спортска сала и ред други содржини наменети за осовременување на образовниот процес, информираат од Општина Аеродром.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски денеска заедно со директорот на ТИТАН Цементарница „Усје”, Борис Хрисафов извршија увид во комплетно завршената фасада на училишната зграда, која беше реконструирана со средства донирани од оваа општествено-одговорна компанија.

– Станува збор за едно од најстарите основни училишта во Аеродром, кое по неколку децении ќе добие целосно нов лик. Покрај обновената фасада на училишната зграда, стариот дел од ова основно училиште, каде што условите се супстандардни, ќе биде целосно срушен и на негово место ќе се изгради комплетно нов и модерен објект, додаваат од Општината.

Во првата фаза од проектот, како што соопштија од Општина Аеродром планирано е да се срушат централниот и источниот блок со вкупно шест училници и топлата врска со салата и на нивно место да се изградат 12 училници, мала спортска сала, како и топли врски за големата и малата спортска сала. Во втората фаза ќе се урне северниот блок со вкупно четири училници и на нивно место според планираното решение ќе се добијат 14 училници.