August 19, 2022 12:18
Свет

Западните лидери на самитите на Г7 и на НАТО во обид за максимално одржување единство

На двата претстојни клучни самити, Г7 и НАТО, западните лидери ќе се обидат максимално да ги збијат редовите во однос на Москва, бидејќи војната во Украина, на која не и се гледа крајот, може да го загрози нивното единство.

Лидерите на големите сили, вклучувајќи го и американскиот претседател Џо Бајден, од недела се состануваат во Баварските Алпи на годишниот собир на седумте најиндустриски развиени земји во светот (Г7). Групата ја сочинуваат САД, Канада, Велика Британија, Јапонија, Франција, Италија и Германија.

Континуираната поддршка за Украина, четири месеци по почетокот на руската офанзива, ќе биде во фокусот на средбата, како и на дводневниот самит на НАТО што ќе започне на 28 јуни во Мадрид.

Канцеларот Олаф Шолц, домаќин на самитот на Г7, оваа недела потсети дека поддршката за Украина ќе бара „истрајност”.

„Вистина е дека се уште сме далеку од преговорите меѓу Украина и Русија, бидејќи Путин се уште верува во можноста за диктиран мир”, рече Шолц, додавајќи дека затоа е уште поважно „да останеме цврсто на вистинскиот пат, со нашите санкции, финансиска поддршка за Украина и координирана испорака на оружје”.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека војната во Украина може да трае „со години”.

Штефан Мајстер од германскиот истражувачки институт ДГАП тврди дека руската агресија ги принудила членките на Г7 да сфатат дека си требаат една на друга бидејќи инфлацијата или заканата од енергетска и прехранбена криза, како резултат на војната, дополнително ќе го тестира отпорот на меѓународната заедница.

Се очекува лидерите да разговараат и за „Маршаловиот план” за обнова на Украина што ќе чини „милијарди” и ќе вклучи „неколку генерации”.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, преку видео врска ќе им се обрати на лидерите на Г7 и ќе побара повеќе оружје, а истото ќе го направи и на самитот на НАТО.

НАТО се очекива да претстави планови за заштита на своето источно крило, во непосредна близина на Русија.Тоа засилување ќе биде придружено со нов стратешки концепт кој подразбира построг став кон Русија и кој за првпат ги споменува предизвиците што ги поставува Кина.

Најавата на Анкара дека ќе го блокира приемот на Шведска и Финска во НАТО фрла сенка на очекуваното прикажување на единство меѓу сојузниците, јавија француски медиуми.

Берлин ја обвинува Москва за намалување на испораките на гас за да предизвика енергетска криза во Европа пред зимата и во тој контекст е важно да се спомене дека Индонезија, Индија, Сенегал, Јужна Африка и Аргентина исто така учествуваат во Г7.

Торстен Бренер, генерален директор на Глобалниот институт за јавна политика, рече дека „клучната задача е да се убедат многу незападни земји, кои се скептични кон санкциите, дека Западот ги зема предвид нивните стравови од поскапувањето на енергијата кога воведува санкции”.

„Г7 мора јасно да стави до знаење дека западниот свет ќе ја преземе својата одговорност да ја промовира безбедноста на храната во ранливите земји”, смета Бренер.

Индија, Сенегал и Јужна Африка се воздржаа од гласање за резолуцијата на ОН со која се осудува руската инвазија на Украина. Тие растечки економии се особено изложени на ризиците од недостиг на храна и климатски промени.

Кристоф Балс, политички директор на невладината организација Germanwatch, во контекст на намалувањето на испораките на руски гас рече дека е „загрижен за можен чекор наназад во однос на ангажманот на Г7 кон укинување на меѓународното финансирање за фосилни горива.

„Кризата со храна, должничката криза и климатската криза ги имаат истите причини: нашата зависност од фосилните горива”, рече Лоренс Тубијана, една од креаторите на Парискиот договор.