June 14, 2021 03:46
Македонија

Законите генерално добри и хармонизирани со ЕУ, недостига правилна имплементација

Правно-институционалната рамка во однос на политичкиот критериум и поглавјето 23 е во голема мера усогласена со европските стандарди, иако во одредени области, како на пример изборниот процес и финансирањето на политичките партии, потребна е опсежна ревизија. Темпото на реформи е многу бавно, но државата се опоравува од системските проблеми утврдени во извештајот на групата високи експерти од 2015 година, а постои и нова клима и притисок за преземање на клучните реформи.

Тоа е наведено во денеска презентираниот  Извештај од истражувањето за утврдување на реалната состојба и имиџот на Северна Македонија во однос на политичкиот критериум и поглавјето 23-Правосудство и темелни права „Имиџ и реалност – Северна Македонија 2020″, на ПРЕСПА Инситутот, спроведено во рамки на проектот „ЕУ Опсерваторија” со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Последната фаза од истражувањето го опфати утврдувањето на Имиџот на Северна Македонија во државите членки на Европската Унија, преку интервјуа со граѓани на Европската Унија, а за ова пилот истражување, беше избрана Хрватска и се интервјуирани повеќе чинители, креатори на јавно мислење, секторски експерти и политичари.

Во сумирниот дел од препораките се наведува дека законската рамка е генерално добра и генерално хармонизирана со онаа на Европската Унија, но недостига правилната имплементација. Оттаму, како што се укажува, ако Северна Македонија посветено работи на реформите во посочените области и според посочените приоритети, тогаш нема да помине долго пред ги исполни очекувањата на сопствените граѓани и да го промени сопствениот имиџ. Дотогаш, веројатно, стои во  препораките, уште малку повеќе меѓуминистерска и меѓуинституционална координација нема да биде отповеќе.

При истражувањето се користени 25 индикатори од областите кои се однесуваат на политичкиот критериум и поглавјето 23, групирани во две димензии: квалитет на демократија и добро управување, разложени понатаму во шест променливи (изборен процес, пристап до информации и слобода на говор, граѓански права и политички слободи, владеење на правото, извршен капацитет и извршна одговорност).

Како што стои во истражувањето, кај 12 од утврдените индикатори реалната состојба во однос на политичкиот критериум и поглавјето 23 во Северна Македонија е подобра, споредено со имиџот кој државата го има кај домашната и хрватската експертска јавност. Имиџот на државата кај домашната експертска јавност е подобар во однос на шест индикатори, споредено со реалната состојба. Додека, состојбата со имиџот на државата кај хрватската експертска јавност е подобра во однос на седум индикатори, споредено со реалната состојба. Реалната состојба е подобра во однос на имиџот кој државата го проектира во областите владеење на правото и извршна одговорност. Кај две области, пристап до информации и слобода на говор и извршен капацитет, имиџот кој државата го има кај домашната експертска јавност е подобар. Додека, во очите на хрватската експертска јавност, државата најдобро стои во однос на изборниот процес, односно граѓанските права и политичките слободи.

Во заклучоците од извештајот е наведено дека промените се срамежливи, а процесот оди многу бавно, но сепак, Северна Македонија се опоравува од системските проблеми во однос на демократијата и владеењето на правото, утврдени во извештајот на групата високи експерти во 2015 година. Во државата постои нова клима и притисок за преземање на клучните реформи, при што се менува средината исполнета со ризици од политички вмешувања и строга партиска контрола.  Демократските механизми на контрола и рамнотежа, засновани на поделбата на власт, се уште не се користат доволно, но постапно се обновуваат. Во тој контекст, значајна е улогата и на независните регулаторни тела, а дел од нив одреден период функционираа без раководство односно состав.

Најголемите предизвици, како што стои во извештајот, ќе бидат да се овозможи доследно спроведување на законите во практиката, да се гарантира функционалност на институциите и да се обезбеди одржливост на политиките. Тоа се клучните пораки во меѓународните извештаи, а кои треба да се читаат заедно со претходните на кои помалку сме заборавиле или пак се уште не сме ги одговориле во целост. За успехот да биде гарантиран треба силна политичка волја и учество на сите чинители и засегнати страни во еден инклузивен процес кој и натаму ќе се одвива под влијание на европската интеграција на Северна Македонија.

-Без оглед на трансформативната моќ и кредибилитетот на Европската Унија, Северна Македонија е далеку од идеална држава. Има уште многу простор за промени, кои ни претстојат, или кои граѓаните ги очекуваат, а за нив борбата против корупцијата, владеењето на правото и подобрување на квалитетот на живот се приоритет. Оттаму, реформите мора да продолжат. Искуството покажува дека чекорењето кон Европската Унија е најдобар начин да ја донесете Европската Унија дома, а кога еднаш е утврдена реалната слика, потоа е потребно тектонско поместување за успехот да биде забележан и да предизвика сериозна промена на имиџот, се наведува во заклучоците.

Во препораките од истражувањето се укажува дека до поголема демократија во општеството ќе се дојде преку поголема демократија во политичките партии, со оглед дека Северна Македонија страда од повеќеслојни поделби во општеството, како и контрола и монополизација на сите демократски механизми и општествени текови од страна на политичките партии.

-Демократијата во државата ќе биде подобрена ако механизмите за контрола на извршната власт функционираат, односно ако пратениците бидат ослободени од контролата на партиските лидери и ја подобрат својата независност. Подобрувањето на системот мора да започне со промената на изборниот модел. Северна Македонија има потреба од изборен модел кој ќе овозможи поголем плурализам, пристап за помалите политички партии и валоризација на секој добиен, односно даден глас. Дополнително, подобрувањето на системот ќе мора да започне со промените во рамките на политичките партии и подобрување на внатрепартиската демократија. Само на тој начин ќе се придонесе кон подобрување на политичката култура, стои во препораките.

Третиот елемент на промената, се дополнува, мора да биде подобрување на системот за финансирање и особено контрола на финансирањето на политичките партии, бидејќи тоа директно ќе придонесе кон борбата против корупцијата, извршната одговорност и надминувањето на перцепцијата за неказнивоста на носителите на високи функционери.

-Најголемиот проблем, највисоките очекувања и најсериозниот недостаток за Северна Македонија е немањето на капацитети институциите да обезбедат одговорност. Многу често, се констатираат проблеми, се преземаат дејствија за утврдување на одговорност, но, отсуствува завршницата. До ефективна и ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал преку утврдување на одговорност и прекин на „политиката” за неказнивост. Покрај тоа што имаме функционер задолжен за координација на институциите надлежни за борба против корупцијата и организираниот криминал, резултатите се незадоволителни. Оттаму, мора постојано да се подобрува нивото на транспарентност и отчетност на избраните и именуваните функционери, да се работи на јакнење на механизмите за гарантирање на интегритетот, како и на системот за контрола на трошењето во јавните институции. Во иста насока, истражните центри мора да ја подобрат својата улога. Нивните капацитети и мораат да бидат зајакнати, а нивната законска положба мора да биде подобрена до ниво на целосна самостојност. Само на тој начин борбата против корупцијата ќе биде пресликана и во подобрувањето на владеењето на правото, стои во препораките.

Се потенцира и дека само Судски совет и Совет на јавни обвинители кои можат да гарантираат личен интегритет и се ослободени од партиските врски, како и целосно спроведен процес на прочистување може да придонесе за независно судство. Поставеноста на стандардите во законската рамка е направено,  се посочува, а сега треба да ги подобриме човечките ресурси во судството.

-За да се избегне какво било политичко поврзување и да се гарантира интегритетот мора да утврдиме што се подразбира под терминот истакнат правник. Притоа, за да ја добие квалификацијата, истакнатиот правник мора да одлучи самиот за својот професионален пат и да ја знае целната линија кон која се движи, мора да го помине целиот процес од квалитетно правно образование, преку посетување на Академијата за судии и јавни обвинители и избор, односно именување во функција. Конечно, изборот во Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и во Уставниот суд мора да се гарантира за оние истакнати правници кои не се членови на политичка партија, а во својата кариера ја зачувале својата целосна независност. Само на тој начин ќе се промени перцепцијата за целиот правосуден систем и ќе може да се гради и јакне довербата на граѓаните во него, стои во препораките.

KissAnime kissanime black clover: Death Note (https://kissanimeonline.com/m/MOD) Episode 37

ANIMEFLIX anime stream: Watch Naruto Episode 90 (https://animeflix.nl/m/R3dg/ep-90)