October 27, 2020 15:30
Македонија

Заев: Субвенции ќе има за сите етнички заедници

Во владината програма точно е прецизирано дека Владата ќе го поттикне и ќе соработува со бизнис секторот за да се поддржат добрите меѓуетнички односи и меѓусебната доверба. Целта е меѓу другото да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага земјата. Тоа е особено важно за да зборуваме за промена на свеста кај секој од нас и отфрлање предрасуди од кој било тип, со цел секој еден квалитетен кадар да биде соодветно ангажиран, за да дадеме максимум придонеси во нашето општество.

Ова го порача премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конфереција со министерката за образование и наука Мила Царовска, на која беше презентирана Националната платформа за учење од далечина, како одговор на новинарско прашање за најавените субвенции за компании за вработување на малцинствата.

– Субвенции ќе има по работни места, ќе имаат предност квалификуваните работници или граѓаните, така што верувам дека во духот на општество ориентирано кон граѓаните ќе ја реализираме и оваа програмска определба на Владата, изјави Заев.

Премиерот најави дека субвенциите ќе има и за Македонците, за Албанците, за Турците, за Србите и за Власите, Ромите, Бошњаците, за сите во нашата земја, и, подвлече, тие ќе бидат еднакво организирани за сите граѓани.

– Не само преку делот на субвенции и поддршка на отворање на фабриките, туку и преку Законот за стратешкитие инвестици. Разговараме за неколку стратешки инвестиции, како што е ставање во функција преку стратешки партнер на Тутунскиот комбинат во Куманово за да ја реактивираме дејноста на тутунот „Отља”, како се вика самата класа на тутунот што се изработува, но и да се вработат граѓаните на целиот кумановски регион. Таму ќе се вработат и Албанци и Срби и Македонци, пред се во нивната квалификација, но регионот има најмногу невработени во државата и таму ќе алоцираме средства, појасни Заев.

Ги наведе како примери и проектот на „Еколог” од 300 милиони евра што, како што рече, го преговараат преку Законот за стратешки инвестиции во тетовскиот регион или проектот СТП дигиталниот центар во Карпош заради вработување млади пред се со информатичките технологии или Центарот во Неготино.

– Субвенции ќе има за сите етнички заедници, за сите иницијативи, ќе продолжи регионалниот пристап, ќе гледаме низ регионите и низ потребата од квалификувана работна сила, но и на мотивацијата на граѓаните да се квалификуваат за потребите на пазарот на трудот. Едниот дел преку мерките од Агенцијата за вработување, вториот е низ образовниот процес да продуцираме кадри кои во иднина ќе имат лесно барање на работа. Да продожиме на ваков еднаков пристап, имаме заедничка програма, која дава конкретен исчекор и одговор на решавање на проблемите на граѓаните, како граѓани. Ние сме едно еднакво општество и ќе продолжиме во тој правец да ги развиваме своите политики, рече Заев.

Владата ги помага и ќе им помага на компаниите за вработување на сите невработени лица, преку еднаков пристап кон сите граѓани и компании, кои имаат потреба од таква поддршка. Ова вчера го потенцираа од Владата за МИА, која побара појаснување за тоа дали принципот за правична застапеност влегува и во приватниот сектор, нешто што претходно го најави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

– По однос на економските политики, Владата ги помага и ќе ги помага компаниите за вработување на сите невработени граѓани, преку еднаков пристап кон сите граѓани и компании кои имаат потреба од таква поддршка. Општествата во услови на криза треба да се засноваат на компетитивност на квалитети од различна припадност, како и на поддршка на најранливите заедници,велат од Владата.

Појаснуваат дека согласно програмата за работа на Владата во делот за еднакво општество е наведено дека: „Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеноста и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја”.

Претходно, Груби најави субвенционирање на вработувањата во приватниот сектор на припадници на другите етнички заедници во земјава, но рече дека не е познато како тоа ќе се реализира.

– Се уште не сме размислувале за мерките, вчера за време на дебатата беа разгледувани различни идеи на кој начин би можело да се помогне правичната застапеност на сите заедници и во приватните компании, посебно во тие каде и државата има удел, дали по критериумите на распределба на работата, дали преку субвенционирање, сепак останува да се види која е најдобра можна опција за да имаме и правично и адекватно застапување на сите заедници и во приватниот сектор, рече Груби, кој смета дека бројот на претставеноста на заедниците во приватните компании е многу мал.