November 30, 2020 11:47
Македонија

Заев со претставници на Синдикатот УПОЗ: Конструктивниот социјален дијалог изминатите 3 години значително го подобри социо-економскиот статус на работниците во државната управа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев прими делегација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (Синдикат на УПОЗ) предводена од претседателот Пецо Грујовски и генералниот секретар Трпе Деановски.

На средбата беше истакнато дека социјалниот дијалог со органите на државната управа е на високо ниво, и како резултат на тоа во изминатите три години се потпишани колективни договори на ниво на гранка, оддел и поединечни колективни договори на ниво на работодавач, со што значително се подобри социо-економската положба на работниците во државната управа. Во таа насока беше истакнато дека актуелната економска криза, како последица на пандемијата од КОВИД-19, нема да влијае на платите во органите на државната управа.

Преку консултации и дијалог со синдикатите, договорено е во Буџетот за 2021 година за првпат да се предвиди и исплата на регрес за годишен одмор согласно потпишаниот Грански колективен договор, односно за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Град Скопје, општините во Град Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

На средбата со претставниците на Синдикатот на УПОЗ е разговарано дека Владата на Република Северна Македонија ќе даде насока исплатата на регресот за годишен одмор да се одвива во месеците јули, август и септември 2021 година, односно веднаш по исполнувањето на условот вработениот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај работодавачот.