December 1, 2021 16:16
Македонија

Заев: Прилеп ја задолжи историјата и ја постави иднината, на 17-ти да го одбереме „Најдоброто”, да гласаме за Сугарески и советничката листа

„Жртвите што ги даде Прилеп во борбата против фашизмот, никогаш не се забораваат и тие не се залудни, тие жртви ја донесоа слободата, независноста и еднаквоста кои 80 години ги живееме и ќе ги живееме и понатаму нашата генерација, генерациите пред нас но и генерациите по нас им должат многу на партизаните, за луѓето кои се кренаа против фашистичкиот окупатор и донесоа слобода по цена и на сопствените животи”, порача денеска од Прилеп претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Ако пред 80 години патриотизам беше да се земе пушка и да се води борба против окупаторот, денес патриотизам е да се креираат мерки и да се води борба против невработеноста. Ако пред 80 години визијата беше слобода, еднаквост и правда, денес визијата е во новите работни места, во повисоките плати, во поразвиените општини. Затоа што слободата, демократијата, правдата и еднаквоста се наше секојдневие, затоа денес нам ни е полесно да си ја градиме државата отколку на нашите предци кои имале далеку потешка задача”, посочи Заев.
Осврнувајќи се на понудата за претстојните избори претседателот Заев истакна дека по бројните сработени проекти, на Прилеп му треба континуитет на успесите, а гаранција за тоа е Горан Сугарески и советничката листа на СДСМ и Коалицијата.
„Сугарески како министер покажа како се работи чесно, одговорно и посветено. Со многу труд успеа да ги надмине последиците од криминалните договори на ВМРО-ДПМНЕ за автопатите, успеа да ги откочи проектите, да ги санира штетите и да ја забрза реализација. Целата држава ја претвори во огромно градилиште, се реконструираа и пробиваа бројни патни правци, автопати, експресни, магистрални и локални патишта.
Истото тоа ќе го преслика и овде во Прилеп, да немате дилема дека се што е во неговата програма ќе биде реализирано, а за тоа секако поддршка ќе има и од централната власт. Давам збор дека централната власт ќе го поддржи Прилеп како никогаш досега. Поддршка Сугарески ќе има и од советничката листа и затоа е важно СДСМ и Коалицијата да имаат мнозинство во Советот на општината.
Бројни капитални проекти се реализирани во овие четири години овде, за да му се оддолжиме на Прилеп. За првпат откако е изграден, го реконструиравме патот до Прилепското езеро, го реконструиравме и патот Прилеп – Тополчани – Битола, а се гради и експресниот пат Прилеп – Градско.
Само со „Најдоброто” и Сугарески во следните четири години Прилеп ќе добие нов кружен тек, ќе добие три нови булеварски решенија, уредени влезови во градот и мултифункционален спортско рекреативен центар. Прилеп ќе го добие и најмодерниот театар затоа што тоа го заслужува. На 17 октомври ќе имате лесна задача. Да го изберете „Најдоброто” и да гласате за број 12″, порача претседателот Заев.