August 13, 2022 20:38
Македонија

Заев изрази сочувство за загинатите во сообраќајката, заминува за Бугарија да ги посети преживеаните

Премиерот Зоран Заев изрази сочувство за загинатите во сообраќајната несреќа што се случи ноќеска на автопатот „Струма” во Бугарија, во која според првичните информации животот го загубија најмалку 45 лица.

Во изјава за БНТ, Заев рече дека за несреќата бил информиран од бугарскиот претседател Румен Радев и од премиерот Стефан Јанев, јави дописникот на МИА.

Заев кажа дека веднаш заминува за Бугарија, а таму се упатени и надлежни екипи од Северна Македонија.

Станува збор за несреќа на автобус со македонска регистрација. Во него имало 53 патници, од кои 45 го загубиле животот, неколкумина се преживеани и се пренесени во болницата во Перник.

– Не знаеме дали се македонски државјани, но претпоставуваме дека се Македонци. Ги известив македонските служби да ги подготват нашите екипи и да пристигнат на местото. Одам во Бугарија да ги посетам луѓето во болницата. Трагично е што меѓу жртвите има и деца. Ќе им бидеме многу благодарни на бугарските власти доколку ги откријат причините за инцидентот и ги споделат со Северна Македонија. Сигурно граѓаните на Бугарија и Северна Македонија ќе сакаат да знаат што се случило. Знаеме дека ова е голем пожар и дека поради него загинаа луѓе, но дали избувнал во сообраќајна несреќа или избувнал пред или поради несреќата, тоа ќе го кажат експертите. Голема трагедија, голема е нашата болка и сочувство до семејствата на загинатите. Господ да им ги упокои душите и да се молиме за добро здравје на преживеаните. Првичните информации се дека се враќале од патување од Истанбул, изјави Заев.