December 9, 2019 04:04
Македонија

Заев: За две години процентот на починати предвремено родени бебиња е намален за нешто повеќе од 50%, во 2016 изнесуваше 25%, а оваа година 12%

Заев: За две години процентот на починати предвремено родени бебиња е намален за нешто повеќе од 50%, во 2016 изнесуваше 25%, а оваа година 12%

Од 2016 до оваа тековна година процентот на починати предвремено родени бебиња е намален за нешто повеќе од 50%, истакна Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на настанот по повод Светскиот ден на предвреме родените бебиња што се одржа денеска на Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Клиничкиот центар во Скопје.

 

 

„Во 2016 година процентот на починати предвремено родени бебиња изнесување 25 проценти, во 2017 година стапката се намали на 21 процент, во 2016 падот на процентот на смртноста кај предвремено родените изнесуваше 16 проценти, а оваа година статистиката вели дека процентот на починати предвремено родени бебиња изнесува 12 проценти. Во развиените земји речиси сите овие бебиња преживуваат. Нашата намера е Северна Македонија да биде една од тие земји. Имаме причина да веруваме дека сме на добар пат да го постигнеме тоа“, рече премиерот Заев на настанот на кој присуствуваа и министерот за здравство д-р Венко Филипче, директорката на ГАК д -р Викторија Јовановска, сопругата на премиерот Зорица Заева и сопругата на Претседателот на државата Стево Пендаровски, д-р Елизабета Ѓеоргиевска.

Овие трендови се резултат на алармот што го иницираше директорка Д-р Викторија Јовановска во 2017 година, кога Владата беше информирана за состојбата со клиниката, за загубите заради невложувањето во опрема и во проширување на стручните тимови на одделението за интензивна нега на Гинеколошки-акушерската клиника, што предизвика намалена можност за преживување на предвреме родените дечиња.

„Уште истата година Владата веднаш обезбеди набавка на 15 инкубатори за бебињата кои до тогаш беа сместувани дури и по две бебиња во 1 инкубатор што беше една од причините за дополнителни компликации за здравствената состојба на предвреме роденото бебе. Беа купени и монитори со аспиратори за одделението на интензивна нега. Во рок од една година за Клиниката за гинекологија и акушерство беа одобрени вработувања на 30 медицински сестри и акушерки, педијатри, анестезиолози и патолог. Го потврдивме нашето врвно залагање дека здравјето на нашите граѓани и на нашите деца е врвен приоритет и дека за да го постигнеме тоа мора да се создадат најдобри услови за подобрување на работната средина и за лекарите и медицинскиот персонал“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата во ГАК по повод Светскиот ден на предвреме родените бебиња.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче нагласи дека покрај инвестицијата од страна на Владата на Република Северна Македонија во опрема, во соработка со експертите од Клиниката за гинекологија и акушерство, и странски експерти од Светската здравствена организација, но и од УНФПА се спроведоа обуки на медицинскиот персонал.

 

 

„Со гордост може да кажеме дека ова се резултати кои се исклучително важни. Резултати кои се многу значајни и ретко се случуваат, да се намали смртноста на перинаталниот период. Сакам да упатам честитки на целокупниот тим на Клиниката и соработката којашто ја воспоставивме со педијатрите. Продолжуваме да инвестираме во човечкиот капитал, во големиот број на вработувања кои се реализираа во рамки на Клиниката, едукацијата, зголемувањата на примањата. Едно општество треба да се цени колку се инвестира во младите, како во однос на примањата на младите лекари и сестри да останат во земјата, така и во инвестиција во здравјето на граѓаните. Токму тоа што го направивме овие две години во најмалите, не носи тука да денеска имаме одлични резултати“, рече министерот Филипче.

Директорката д-р Викторија Јовановска истакна дека Гинеколошко-акушерската клиника ги исполнила сите фактори од годинашното мото на Светскиот ден на предвреме родените бебиња – „Роден прерано: Обезбедување на соодветна грижа, во соодветно време, на соодветно место“ и предвреме родените бебиња ја добиваат најсоодветната стручна медицинска грижа и секогаш во соодветно време и на место.

 

„За разлика од претходниот период кога наследивме состојба која беше далеку од потребите и стандардите неопходни за создавање услови за одржување во живот, за лекување и негување на предвреме родените бебиња, денеска сликата е сосема поинаква. Многу бргу, откако алармиравме во Министерството за здравство и во Владата, и посебно кај премиерот Заев, Владата обезбеди набавка на 15 инкубатори и монитори со аспиратори за одделението на интензивна нега. Владата и министерството одобрија вработувања на медицински сестри, акушерки и повеќе специјалисти со што се создаде тим кој за две години постигна резултати со кои целосно се промени сликата и статистиката во нашата клиника. Овој тренд нè радува сите нас во Гинеколошко-акушерската клиника и нè охрабрува и мотивира да бидеме посветени уште повеќе и да го направиме тоа што е нашата голема цел – Да ги елиминираме сите ризици и причини за смртност на предвреме родените бебиња“, нагласи директорката на ГАК, д-р Викторија Јовановска на прес-конференцијата по повод Светскиот ден на предвреме родените бебиња, и информираше дека во тек е набавка на дополнителна опрема како апарати за неинвазивна респирација, дигитален рентген систем, како и инфузиони пумпи.

Нови вести

Ветеринарната комора апелира да се искористат бенефициите за бесплатно чипирање на домашните миленици

zane

Пендаровски: Во очи влезот на НАТО може да очекуваме политичка пропаганда и „фејк њуз”

zane

Магла на патот Страцин – Крива Паланка и во Кичево

zane