September 15, 2019 12:18
Економија

Заев во Подгорица: Отвораме можности за идни продлабочени врски со поддршката на бизнисмените и нивните иницијативи во Црна Гора и Северна Македонија

Во рамките на официјалната посета на Република Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и неговиот домаќин, премиерот Душко Марковиќ, со пригодни обраќања ја поздравија работата на Бизнис форумот меѓу стопанствениците на двете земји, што во организација на стопанските комори, се одржа како дел од програмата на оваа посета. Бизнис форумот беше отворен и со поздравни обраќања на Претседателите на стопанските комори од двете земји, Бранко Азески и Властимир Голубовиќ.

 

„Ние сме денеска прв пат овде присутни со нашето ново име, Северна Македонија заради тоа што направивме одлично пријателство со нашиот јужен сосед Грција заради единствената цел да изградиме пријателство и да отвориме економски перспективи. Сe што работиме како политичари го правиме за економијата, заради бизнисот, трговијата, заради нови работни места, за раст на БДП, заради извозот, што на крајот претставува квалитет на живот на нашите граѓани“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

 

Премиерот Заев додаде дека нашата земја ќе го следи искуството на Црна Гора во пристапувањето на нашата земја во НАТО и ЕУ и изрази благодарност до Црна Гора за брзата ратификација на протоколот за наше членство во НАТО и со тоа ги охрабри сите други земји членки со брзо темпо да започнат процес на ратификација.

 

„Нашите очекувања се дека на почетокот на декември во Лондон на НАТО Самитот ќе имаме полноправно членство. Членството во НАТО, знаете вие во Црна Гора, а ние веќе во Северна Македонија чувствуваме носи економија и траен мир, стабилност и сигурност и безбедност, нешто што е важно за сите бизнисмени како минимум услов за развој на бизнисот. Во такви околности, како земја кандидат, со испорачана покана и 13 ратификации ние во нашата земја почнавме да ги кршиме сите економски рекорди од независноста до сега. Странските инвестиции се 625 милиони евра, најдобрата година беше 2011 со 340 милиони евра, што значи дупло повеќе од најдобрата година. Ова покажува колку е значајна безбедноста и стабилноста за економијата, а со нашето членство во НАТО ја зајакнуваме безбедноста и стабилноста и во целиот регион“ , истакна премиерот Заев.

 

Зборувајќи за економските резултати што ги остварува нашата земја премиерот Заев додаде дека невработеноста е намалена на 19.4%, индустријата расте со 8%, зголемена е трговијата за 17%, извозот расте за 16.5%, околу 27% раст на увозот и извозот од зоните и нагласи дека е важна интеграцијата помеѓу земјите на Западен Балкан, а потоа и во ЕУ за да можат овие економски параметри забрзано да растат во иднина.

 

„Западна Европа ќе не почитува уште повеќе ако ја унапредиме нашата соработка во регионот. Знаеме дека сообраќајната конекција е слаба, но работиме на тоа. На 29ти мај со Душко ќе бидеме во Косово бидејќи тоа е најблиската дестинација којашто ги поврзува Скопје и Подгорица. Работиме на автопатските решенија, а работите и вие во Црна Гора и веруваме дека Европа по линијата на поврзување ќе супституира 50% од авионската линија Подгорица Сараево Скопје заради тоа што во агендата за поврзување авионското поврзување е многу значајно“, потенцираше премиерот Заев.

 

Во своето обраќање пред црногорските и македонските компании, премиерот Заев истакна повеќе елементи од економската програма за поддршка на инвестициите.

„Сакам да ги поттикнам црногорските компании да инвестираат во нашата земја зашто ќе имате поддршка до 50% од вкупната инвестиција, заедно со олеснувањата со ослободување од даночните обврски по многу основи. Примамливи се условите. Затоа имаме рекордни инвестиции минатата година. Ние добиваме нови работни места, добиваме раст на БДП, и, секако, зголемена јавна потрошувачка која ќе влијае позитивно на нашиот буџет. Економските програми поттикнаа дополнителни домашни инвестиции во висина од 180 милиони евра и тоа доволно зборува за поволностите, зашто сега нема разлика меѓу домашните и странските компании. Ве поканувам да дојдете затоа што ќе имате профит. Затоа дојдоа големите компании од светот во нашата земја. Затоа и нашите компании, од Северна Македонија и Црна Гора треба да ги искористат убавините и предностите на економските програми за поддршка на инвестициите“, нагласи претседателот на Владата на РСМ Заев.

 

Во продолжение на своето обраќање премиерот Заев зборуваше за олеснетите административни постапки за старт на нова инвестиција во земјата, и дека голем дел од овие постапки се направени врз основа препораките на деловната заедница и стопанските комори.

 

„Имаме брзи процедури за старт и правење бизнис. Тоа се многу поволни услови за бизнисмените да се насочат на правење профит, а не на администрацијата. Соработуваме и учиме од коморите за интерес на двете страни – и на бизнисот и на политиката, во интерес на граѓаните. Денеска ја одржуваме првата наша заедничка седница на двете влади. Потпишуваме договори за поддршка на бизнис и на политичкиот амбиент. Постоиме заради вас, заради економијата, заради растот и развојот. Бројките се добри. Со овие состаноци ја поттикнуваме работата на нашите заеднички владини комитети кои наскоро ќе излезат со повеќе други поволности за развој на соработката на економски план, како и во други области“, истакна премиерот Заев, на Бизнис форумот меѓу стопанствениците на двете земји, што во организација на стопанските комори, се одржа како дел од програмата на официјалната посета на делегацијата на Владата на РСМ на Црна Гора.

 

 

Нови вести

Димковски: Свињите да се уништат за да се спречи африканската чума

zane

ЕУ со нови прописи за ИТ компаниите

zane

Димковски :  Работиме во спроведување на мерките за превенција од појава и ширење на болеста африканска свинска чума

zane