November 24, 2020 06:40
Култура Магазин

Завршија истражувањата на локалитетот Кале

Завршија археолошките истражувања на катедралниот храм со мартириум на археолошкиот локалитет Кале во село Крупиште, Општина Карбинци, објави денеска директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип, Митко Штерјов.
-Археолошките истражувања резултираа со откривање на катедралниот храм со димензии 28.5х30 м. со концепција на троброден храм со наос, нартекс, егзонартекс и мартириум во јужниот брод. Катедралниот храм е изграден врз доцноантичка базилика со мартириум од IX и X век каде се пронајдени и две плочи со букви од глаголицата, додека постоечкиот катедрален концепт го добива од XI до XIII век, вели Штерјов.
Тој додаде дека во егзонартексот откриена е доцноантичка гробница и гробови кои датираат од XI до XIII век. Од гробните прилози откриени се стаклени бронзени белегзии и монети од истиот период.
На овој археолошки локалитет се истражува по 40 години, а академик Блага Алексова во своите истражувања наведува дека овде бил градот Равен, каде што Кирил ја напишал глаголицата, а Методиј бил назначен за епископ. Истражувањата на археолошкиот локалитет Кале чинат 400.000 денари, а се обезбедени од Министерството за култура.