December 6, 2022 02:40
Скопје

Жителите од Ново Маало задоволни што почна изградбата на висококатниците кај Холидеј Ин

 Среќни сме што се гледа почетокот на крајот на нашиот повеќедецениски проблем и што конечно и ние ќе добиеме достојни услови за живот, како што доликува на едно централно градско подрачје, информираат жителите од Ново Маало, поздравувајќи го отпочнувањето на градба на станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје”, на градежната парцела 1.1 спроти „Холидеј Ин”.

 –Повеќе од 50 години живеевме во услови како од 19-тиот век, без фекална и атмосферска канализација, со септички јами, нерешено греење и без основни услови за движење низ улиците, притоа и без никаква можност самите да го решиме овој проблем и самостојно да пристапиме кон легална реконструкција на нашите домови. На овој простор нема никакво зеленило, ниту инфраструктура, единствено кал, распукан бетон и депонија за отпад. Воедно, потсетуваме дека доколку дојде до какви било обиди за повторни опструкции од кои било поединци, институции или организации за стопирање на проектот, најостро ќе реагираме и подготвени сме да ги преземеме сите правни механизми и ќе поднесеме тужби до институциите за претрпена штета. Веруваме дека инвеститорот ќе го заврши овој објект во предвидениот рок и согласно претходно презентираниот проект, кој ветува урбано домување со многу зеленило, уреден јавен простор, и што е најважно, достојни домови за живот, велат жителите.