December 7, 2022 20:25
Балкан

Жиелите на западна Грција предупредени да не се движат непотребно поради невремето „Богдан“

Силно невреме со јаки ветрови наречено „Богдан“ од Италија се приближува кон западниот дел на Грција, поради што жителите на три области добија порака од бројот 112 за итни случаи, да избегнуваат непотребни движења.

Како што јавуваат грчките медиуми, според Националната опсерваторија на Атина, обилни дождови и невреме се очекуваат во западните делови на земјата. Лошото време „Богдан“ се очекува во следните неколку часа да зафати повеќе области од земјава, ставајќи ги надлежните во готовност.

Силни дождови и локално невреме се очекува да има на островите во Јонско море, но и областа Епир, Западниот континент и Западен Пелопонез.

Се стравува дека ударот и ефектите од невремето на одредени места ќе бидат силни и најверојатно ќе бидат придружени со високи врнежи од дожд. Локални врнежи од дожд и можна појава на невреме се очекуваат и во други делови од Грција, меѓу кои Македонија, Тесалија, Тракија и Северен Егеј.

Очекуваниот настан за врнежи е од категорија 3  и има мала можност за појава на мал град има во делови од Јонското Море, во крајбрежните делови на западното копно.

Постепено слабеење на невремето се очекува од вечерните часови.