September 17, 2020 14:00
Свет

Жена го парализира ноќниот живот во Баварија, наместо да седи во карантин одела во кафулиња и заразила многу луѓе

Само една девојка е одговорна за ширењето на коронавирусот во познатата баварска туристичка дестинација Гармиш-Партенкирхен, поради што ноќниот живот е парализиран.

Германски „Фокус“ пренесува дека неименувана дваесет и шестгодишна жена неколку дена седела во неколку кафулиња, заразувајќи голем број луѓе со коронавирусот. Според окружната администрација, таа имала симптоми цело време и чекала на резултатите од тестот.

„Имаше симптоми, беше тестирана кај нас и поради симптомите и рековме да остане во карантин, но не го стори тоа“, објави претставникот на окружната администрација, Штефан Шарф.

„Само што се вратила од одмор во Грција и не знаеме дали таа се заразила на патот или во Гармиш-Партенкирхен“, објасни Шарф.

Станува збор за Американка која живее во Гармиш-Партенкирхен и се претпоставува дека работи за американската армија. Научниот центар за безбедност на американскиот Центар за одбрана се наоѓа на тоа место, а жената работи во хотелот „Еделвајс“, во рамките на центарот, објави „Билд“. Американката била на караоке забава во барот „Пичис“, каде што заразила уште неколку лица.

„Не можам да верувам дека некој може да биде толку глуп“, изјави сопственикот на коктел барот, Питер Месершмит, кој ја карактеризираше жената како „потенцијален убиец“.

Од петок се воведени мерки за заштита во Гармиш така што кафулињата и рестораните ќе работат до 22 часот, а само пет лица можат да престојуваат во барови истовремено.

Германскиот адвокат Арнт Кемпгенс во соопштението за јавноста наведе дека 26-годишната жена може да биде казнета за намерно и опасно нанесување телесна повреда, кривично дело за кое се соочува со казна затвор од шест месеци до десет години затвор.