Search

Жбогар: Ниту една земја не е имуна на корупција, но разликата е во политичката волја да се спречи тоа

Повеќе од 100 претставници на државни институции, граѓански организации, бизнис-секторот и медиумите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово денеска во Скопје разговараат за состојбата со корупцијата во јавните набавки и за начините како различните чинители во борбата против корупцијата да играат поуспешна улога.

Искушението да се вклучиме во корупција е исто во сите земји, разликата е во тоа дали постојат институции што ќе ја спречат корупцијата, дали имате законодавство, политичка волја, или доволно јавен притисок за да ја спречите. Токму тука лежи разликата меѓу земјите. Затоа, најмногу зависи од политичката волја на владејачката елита, да се направи јавен притисок од страна на граѓанските организации или од организации што вршат мониторинг, истакна евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Корупцијата во земјите од Западниот Балкан сѐ уште се чувствува како да е дома“, заклучува споредбената анализа изработена од коалицијата „Балкан тендер Воч“, која ја организира оваа регионална конференција за „Антикорупциски механизми и улогата на засегнатите страни“, финансирана од Европската Унија.

„Извештаите во сенка“ изработени од граѓанскиот сектор за секоја од опфатените земји, посочуваат на секојдневни примери за проблеми при спроведувањето на тендерите, но малку напори за подобрување на состојбите.

Граѓанските организации бараат од владите да го искористат процесот на европските интеграции не само за усогласување на регулативата, туку и како „трансформативна агенда“ за вистинско унапредување на своите системи за јавни набавки и за рационално трошење на јавните добра.

На почетокот на конференцијата, за значењето на јавните набавки во обезбедување на квалитетни услуги и јавни добра, оттука и за заложбите за нивна целосна законитост зборуваше шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар. Министерот за финансии, Драган Тевдовски, пак, се осврна на новините што се очекува да ги донесе новиот Закон за јавните набавки кој би стапил на сила на пролет идната година, во насока на поефикасен систем за јавни набавки.

Конференцијата продолжи со посочување конкретни примери за антикорупциски мерки од разните чинители во оваа област, како и за начините на кои медиумите и невладините организации посочуваат на ризиците и ја истражуваат корупцијата во јавните набавки.

Треба да знаете
Последни објави