November 25, 2020 09:06
Свет

ЕУ со санкции за руски функционери поради хакерскиот напад на Бундестагот

Европската унија воведе санкции за шефот на руската воена разузнавачка служба (ГРУ), Игор Костјуков и некои други руски граѓани обвинети за хакерски напад врз германскиот парламент во 2015 година, во кој беа украдени електронските пораки на канцеларката Ангела Меркел.

Русија ги негираше обвинувањата.

Покрај Костјуков, со санкциите на ЕУ се опфатени и Дмитриј Бадин, обвинет за организирање хакерски напад, како и припадници на специјалната единица ГРУ позната како 85. Главен центар, кој го извршил нападот.

„Значајна количина на податоци беа украдени, а налозите за е-пошта на неколку пратеници, како и на канцеларката Ангела Меркел, беа загрозени”, се вели во Службениот весник на Европската унија.

Во уредбата се посочува дека Костјуков бил одговорен за нападот врз информацискиот систем на германскиот парламент.