October 28, 2020 01:48
Балкан

ЕУ: Засега без разговори за ЗСO, но тоа е обврска што ја презеде Приштина

Европската унија соопшти денес дека преговорите за Заедницата на српски општини (ЗСО) мора да се одржат и дека Брисел ќе ги охрабри страните, бидејќи обврската за тоа ја презедоа и лидерите на Приштина, но исто така потврди дека во понеделник нема да дојде до состанок меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовкиот премиер Авдулах Хоти, затоа што засега “една страна не е подготвена” да разговара за ЗСО.

Ова го изјави во Брисел портпаролот на Европската комисија Питер Стано, кој со тоа одговори на прашањето дали дијалогот Белград-Приштина со посредство на ЕУ е западнат во криза, бидејќи нема да се одржи најавената средба Вучиќ-Хоти, оти ЕУ неможе да ја убеди Приштина да започне преговори за потпишаниот договор за ЗСО, на што се обврзаа косовските лидери во два наврати од продолжувањето на дијалогот ова лето.

Стано додаде дека стручните тимови на Белград и Приштина во понеделник ќе разговараат за финансиските побарувања и за имотот, истакнувајќи дека датумот на состанокот Вучиќ-Хоти „не бил официјално објавен”, бидејќи ЕУ тоа го прави непосредно пред такви состаноци и само ако агендата е усогласена.

-Но, морам да кажам јасно дека за ЗСО мора да се дискутира како составен дел од целокупниот договор, како што беше договорено на самитите на двете страни во јули и потврдено од претседателот Вучиќ и премиерот Хоти во Брисел во септември оваа година, нагласи Стано.

Портпаролот на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел оцени дека „дијалогот не е во криза, ЕУ е решена да продолжи да работи многу силно и да ги дава своите најдобри услуги за да им помогне на двете страни да ги надминат сите разлики со цел да постигнат сеопфатен правно обврзувачки договор”.

Како што јави допсиникот на МИА од Белград, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ оцени денес дека е зачудувачки што од Брисел, кој е ко-потписник на договорот за ЗСО, нема никакви реакции, што по седум години не е спроведено она што е потпишано и кажа дека бара од медијаторот за дијалогот Мирослав Лајчак да каже кога тоа ќе се случи.