November 24, 2020 07:34
Балкан

ЕУ да го изнесе на маса договорот за меѓусебно признавање на Косово и Србија

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека на денешната средба со специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак станало збор за можноста за постигнување конечен договор меѓу Косово и Србија, кој би подразбирал меѓусебно признавање на двете држави.

Во неговото обраќање на медиумите по средбата со Лајчак, Тачи го повика Брисел „да го изнесе на маса договорот за меѓусебно признавање„ на Косово и Србија и „да не продолжува со техничкиот дијалог”

– Имавме коректна и конструкстивна средба, отворен и пријателски разговор во правец на изнаоѓање можности за постигнување конечен договор меѓу Косово и Србија, кој би подразбирал нивно меѓусебно признавање како две независни држави и со можност Косово да се зачлени во ООН. Јас цврсто верувам дека иднината на Косово е членството во НАТО и ЕУ. Исто така верувам цврсто дека е дојдено време ЕУ да го изнесе на маса договорот за меѓусебно признавање и да не продолжува со техничкиот дијалог, изјави Тачи.

Според косовскиот претседател, „меѓусебното признавање е единствената можност која гарантира стабилност во регионот и добрососедски односи меѓу државите”.

Лајчак престојува во дводневна официјална посета на Приштина, каде што вчера се сретна со премиерот Авдулах Хоти и со претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи. По приемот кај Тачи, за денеска се предвиени средби со лидерите на најголемите политички партии од власта и опозицијата.

Според најавите од Брисел, по завршувањето на посетата на Приштина, утре, 15 октомври, Лајчак ќе отпатува во официјална посета на Белград.