January 24, 2022 20:46
Свет

ЕУ ги запира летовите од Јужна Африка поради новата варијанта на коронавирус

Националниот институт за заразни болести во Јужна Африка (NICD) потврди 22 случаи на инфекција со новата варијанта на коронавирус B.1.1.529 во земјата, a Европската комисија најавува дека ќе го ограничи воздушниот сообраќај од Јужна Африка поради страв од ширење инфекцијата.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лаен на „Твитер“ објави дека Комисијата ќе предложи, во координација со земјите-членки, активирање на итни овластувања за запирање на воздушниот сообраќај од јужноафриканскиот регион поради страв од ширење на коронавирусот, варијантата B.1.1.529.

Научниците од NICD објавија дека се работи за варијанта на Ковид-19 со повеќе мутации за кои веруваат дека се одговорна за големиот пораст на бројот на заразени лица.

„За жал, во Јужна Африка, идентификувавме нова варијанта што предизвикува загриженост“, рече вирологот Тулио де Оливеира на вонредна прес-конференција.

Варијантата, означена како B.1.1.529, има многу голем број мутации и предизвикува скок на инфекцијата, рече тој.

Светската здравствена организација (СЗО) го означи сојот како „варијанта под надзор“. Марија Ван Керхове, технички шеф на СЗО за Ковид-19, рече дека досега им се достапни помалку од 100 геномски секвенци од споменатата варијанта.

Ќе бидат потребни неколку недели за да се одлучи дали B.1.1.529 ќе стане „варијанта на интерес“ или „варијанта која предизвикува загриженост“ и ќе добие грчко име како делта.

Ван Керхове објаснува дека голем број мутации во варијантата би можеле да го променат однесувањето на вирусот, но сè уште не е познато што значи тоа за ефикасноста на сегашните вакцини и лекови.

Оваа варијанта е исто така идентификувана во Боцвана и Хонгконг кај патници кои пристигнале од Јужна Африка.

Израел и Велика Британија веднаш воведоа ограничувања за патување од неколку африкански земји. Британија ги откажува летовите од Јужна Африка, Боцвана, Намибија, Лесото и Зимбабве, а Израел на листата го додаде Мозамбик.