June 24, 2022 06:43
Свет

ЕУ вложува дополнителни 200 милијарди евра во одбранбените сили

Европската комисија денеска усвои план за зајакнување на одбраната на Унијата, што ќе вклучува инвестиции од 200 милијарди евра, како и заеднички набавки и подобра интероперабилност на воените сили на земјите членки.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека враќањето на „војната на европскиот континент” ја нагласи потребата од поголеми, но и покоординирани инвестиции во одбранбените сили на ЕУ.

-Парите мора да се инвестираат координирано за да се решат празнините во нашите воени капацитети што очигледно постојат и кои ги идентификувавме во ЕУ и НАТО. Начинот на кој ги трошиме мора да ја зајакне европската одбранбена индустрија на долг рок. Бараме заедничка набавка, што ќе ја зајакнува интероперабилноста на воените сили на земјите членки. Тоа е финансиски поисплатливо и ја зајакнува индустриската база во ЕУ и нашиот иновативен сектор, рече Лајен.

Шефицата на ЕК најави формирање на работна група за координирање на „огромните набавки потребни за одбраната”, како и финансиски инструменти за заеднички набавки што ќе придонесат за дополнителни заеднички инвестиции во она што земјите членки поединечно го издвојуваат за одбранбениот сектор.