Балкан

ЕРТ: Работодавци во Грција бараат од вработените да вратат дел од специјалната помош од државата

– До синдикатите во Грција стигнале сериозни поплаки дека постојат обиди на некои работодавците да земат дел од специјалната помош во висина од 800 евра што им следува на вработените во рамките на владините мерки за поддршка за справување со економските последици од коронавирусот, објави грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

ЕРТ, информациите ги поткрепи со објавена аудио снимка од разговор во кој одговорниот, од вработените бара, на специјална сметка на работодавецот да врата 100 од добиените 800 евра.

-Сите кои имате право на надомест од 800 евра, согласно законот на Мицотакис, разговарав со сметководителот, од овие 800, треба 100 евра да бидат уплатени на сметка, што ќе ви ја дадам, на работодавецот, општо за штетите, за целиот проблем и за оптовареноста што ја имаше од почетокот на март. Така што, да знаете ќе добиете нето 700 евра, вели одговорниот во разговор со вработените, според аудио документот што го објави ЕРТ, а државната телевизија го добила од синдикатите.

Грчката влада, минатата седмица, во рамките на пакетот економски мерки, соопшти дека сите вработени на кои привремено им е прекинат нивниот договор за вработување, поради прекинување на работењето на компанијата по наредбата од државата, ќе добијат надомест од државниот буџет, на почетокот на април, во висина од 800 евра.