October 25, 2020 02:07
Свет

Ерменскиот премиер: Ја разгледуваме можноста за признавање на независноста на Нагорно-Карабах

Ерменската влада планира да ја разгледа можноста за признавање на независноста на Нагорно-Карабах, вели ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

Тоа е област во Азербејџан со ерменско мнозинство.

„Да, треба да го разгледаме прашањето за признавање на независноста на Арках (ерменско име за Нагорно- Карабах). Тоа прашање е на нашата агенда. Треба да разговараме за тоа многу сериозно. Ги разгледуваме сите сценарија за можниот развој на настаните”, рече Пашинијан во парламентот.

Тој додаде дека вооружени судири се водат по целата линија на контакт и посочи дека и Ерменија и „нејзиниот непријател“ (Азербејџан) имаат сериозни загуби, пренесува ТАСС.

Утрово избувнаа судири меѓу ерменските и азербејџанските сили околу Нагорно-Карабах, кој прогласи отцепување од Азербејџан во 90-тите години на минатиот век.

Ерменската влада прогласи воена состојба и општа мобилизација поради ескалацијата на конфликтот во Нагорно- Карабах, а истото го стори и Азербејџан. Претходно, претседателот на непризнатата република Нагорно-Карабах, Араик Артјунјан, прогласи воена состојба и мобилизација на сите граѓани на возраст над 18 години.

Ерменија и Азербејџан се во конфликт подолго време поради одвоениот азербејџански мнозински ерменски регион Нагорно Карабах, а граничните конфликти се интензивираа последните месеци.