November 25, 2020 07:12
Балкан

Ердоган потврди дека Турција го тестирала рускиот систем С-400

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска потврди дека Турција го тестирала својот ракетен одбранбен систем С-400, произведен во Русија, и покрај осудата на Соединетите Американски Држави.

Ердоган рече дека Турција има целосно право да ја тестира својата опрема.

„Позицијата на Америка апсолутно не е обврзувачка за нас. Нема да ја прашаме Америка“, рече тој.

Вашингтон остро се спротивстави на купувањето на рускиот противвоздушен систем, објаснувајќи дека С-400 претставува закана за одбранбените системи на НАТО, суспендирајќи ја Турција од својата високо-технолошка програма на борбени авиони Ф-35 и заканувајќи се со санкции.

Анкара инсистира на тоа дека била принудена да го купи рускиот систем откако Вашингтон одбил да го продаде американскиот систем „Патриот“. Исто така тврди дека Анкара има суверено право да го купи системот што го сака.

Ердоган обвини за двојни аршини затоа што Грција, која е членка на НАТО, го користела својот систем за ракетна одбрана С-300, а САД не реагирал на тоа.

Русија лани и го достави рускиот одбранбен систем на Турција.

Турските медиуми минатата недела објавија дека Турција го тестирала рускиот систем за воздушна одбрана С-400.

„Тоа значи дека господата се загрижени дека тука има оружје што и припаѓа на Русија. Ние сме решени и ќе продолжиме по нашиот пат“, рече Ердоган.