Европската Комисија најави испорака на 22 милиони евра хуманитарна помош за Мјанмар и Бангладеш за помош на Рохингите и лицата погодени од конфликот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Еврокомесарот за хуманитарна помош, Јанез Ленарчич, изјави дека “кризата со Рохингите постигна пропорции без преседан”.
-Постојана меѓународна солидарност е суштинска за да се одговори на хуманитарните потреби. Новиот пакет помош на ЕУ ја подвлекува нашата заложба за најранливите бегалци и заедниците домаќини во Бангладеш, како и за населението погодено од конфликтот во Мјанмар, рече тој.
Речиси еден милион бегалци Рохинги од Мјанмар се наоѓаат во Бангладеш, тие бегаат од репресијата и прогонот на мјанмарската власт.
Вкупно помошта за хуманитарни потреби во Бангладеш од ЕУ постигнува 41 милион евра, и над 27 милиони евра за Мјанмар откако хунтата се врати на власт.
Над 900 илјади Рохинги се наоѓаат во Бангладеш, каде има голем недостаток од основна нега за бегалците.