December 5, 2022 21:15
Свет

ЕК: Најавите на Путин се знак дека тој сака ескалација на војната

 Пристигна првата официјална реакција од институција на ЕУ. Европската Комисија оцени дека говорот на рускиот претседател Путин е доказ дека тој не сака мир, јави дописничката на МИА од Брисел.

Рускиот претседател, Владимир Путин, утрово соопшти дека е во војна со Западот кој ја вооружува Украина, дека ќе ги искористи сите средства за да ја одбрани Русија и дека се мобилизираат 300 илјади војници за таа цел. Тој потврди дека ќе се одржат референдумите во сепаратистичките региони во Украина и тие ќе бидат одбранети од страна на Русија.

За Европската Унија ова е знак дека Путин сака воена ескалација.

-Говорот на Путин и неговите најави за делумна мобилизација е уште еден доказ дека Путин не е заинтересиран за мир, туку за ескалација на војната на агресија, и знак за неговиот очај поради текот на војната во Украина, изјави Петер Стано, портпарол на Европската Комисија за надворешни работи.

За Комисијата најавите дека ќе се одржат референдумите во Донбас покажуваат дека Путин сака да ја продолжи деструктивната војна која има негативни последици не само за Украина туку за сите земји во светот поради кризата со храната и енергијата.

-Тој не сака решение, тој сака да ја продлабочи кризата и да ја продолжи војната, додаде Стано, додавајќи дека војната во Украина има последици и за самото руско население.

На прашање дали ЕУ е во војна со Русија, портпаролот го отфрли ова обвинување, и рече дека ЕУ ја поддржува Украина и нејзиниот народ кој не само што се бори за својот територијален интегритет и суверенитет, туку и за принципите на меѓународната заедница и на ЕУ.

-Ја поддржуваме Украина стопроцентно, рече Стано.