February 20, 2020 19:55
Македонија

Експерти на Агенда Локална Самоуправа 20-24: Со граѓанската вклученост создаваме функционални општини

На трибината во Велес, во рамките на Агенда 20-24, посветена на локалната самоуправа зборуваа и граѓанскиот активист, новинар и истражувач Александар Писарев и  Сретен Коцевски од институт за развој на заедниците, Тетово.

Писарев  се осврна на значењето на граѓанските организации во процесот на развој на општините.

„Организациите се коректори во општеството, тие ги следат процесите на државно и на локално ниво и постојано нудат решенија. Иако имавме една фаза кога бевме обвинувани дека сме шпиони, дека работиме за туѓи интереси, сепак успеавме да опстоиме и да се наметнеме како клучен фактор во развојот на заедниците. Граѓанските организации можат многу да им помогнат на општините во развојните програми. Ние имаме капацитет и тоа мора да се искористи, а морам да кажам дека некои општини веќе имаат интензивни соработки со граѓанскиот сектор”,  изјави Писарев.

Тој пред граѓаните ја пренесе идејата некои од обврските на локалните единици да се пренесат на граѓанските организации.

„Имаме позитивни примери кога организации се грижат, на пример за зависници, и каде што покажуваат солиден успех. Имаме организации кои се стручно определени во многу области и нивните знаења мора да се користат, особено во руралните општини кои немаат доволно кадар да одговорат на сите предизвици”, аргументираше Писарев.

Во завршниот дел од обраќањето го напомена значењето на месните заедници, нешто што е заборавено, а кое многу придонесува во учеството на граѓаните во одлучувањето. Оцени дека со поголемата вклученост на сите ќе се создадат функционални и организирани општини.

Сретен Коцевски пак порача дека општините треба повеќе да бидат транспарентни и отчетни за да има и задоволни граѓани. Тој смета дека во многу општини недостасува контактот на граѓаните со советниците и сугерираше да има почесто таква комуникација.
“Таков механизам да се стави како правилник и да биде пракса. Има оптштини кои се премногу задолжени,  а не знаеме зошто се задолжени, каде отишле парите и граѓаните се незадоволни”, рече Коцевски.

Коцевски побара државата да ги поддржува граѓанските здруженија да бидат конкурентни во добивањето на ЕУ фондови, а советуваше да “заживеат” и комисииите за односи меѓу заедниците во рамки на локалната самоуправа.