November 25, 2020 07:32
Свет

Експерти: Губењето антитела на короната не е нужно лоша вест

Појасниот увид во фактот дека нивото на антитела може брзо да исчезне кај луѓето кои имале коронавирус, не мора да биде лоша вест за имунитетот, изјавија денеска британски експерти додавајќи дека „тоа не значи автоматски дека заштитата со вакцина ќе биде слаба или краткотрајна“. Експерти за имунологија и вируси предупредуваат дека не треба многу да се чита за нивото на антитела во крвта на пациентите кои го прележале вирусот, бидејќи антителата не се единствениот систем на имунолошка одбрана. – Концентрацијата на антитела во крвта не значи колку е силен вашиот имунитет, рече Еленор Рајли, професорка по имунологија и заразни болести на Универзитетот во Единбург. Таа и нејзините колеги велат дека исчезнувањето на антителата во крвта не објаснува како организмот гради имунитет за инфекции. – Имунитетот не е нешто што можеме да го поистоветиме со нивото на антитела или одговорот на Т-клетките. Имунитетот е систем кој работи на друг начин и следниот пат кога ќе се сретнете со инфекција, не мора да значи дека ќе ја закачите, а ако ја закачите не мора да значи дека ќе се разболите посериозно. Тоа се нарекува заштитен имунитет, рече Рајли. Затоа, многу потенцијални вакцини против Ковид-19 се направени за да изградат посилен имунитет со „повикување“ на посилна таканаречена „имунолошка меморија“. – Антителата се генерално краткотрајни, бидејќи штом ја завршат работата, на вашето тело повеќе не му требаат, рече Џонатан Стоје, главен вирулог на британскиот институт „Френсис Крик“. Стоје додава дека тоа не значи дека имунитетот трае кратко. – Таканаречените мемориски клетки можат да реагираат сосема добро во борбата против нова инфекција, рече тој. После Ковид-19, научниците сè уште не знаат колкава количина од имунолошкиот систем ќе се покаже како доволна. Сепак, многу производители на вакцини укажуваат на одговорите на антителата и Т-клетките, на кои се гледа како важни за долгорочен имунитет. – Имунолошкиот систем е многу комплициран. Знаеме дека антителата исто така се важни, но не е сè во антителата. Важна работа се имунолошките мемориски клетки, изјави Лоренс Јанг, професор по молекуларна онкологија на Универзитетот Варвик во Велика Британија.