November 27, 2020 09:37
Економија Македонија

Европските НВО-а бараат од ЕУ крај на поддршката за нови хидроцентрали

Фронт 21/42 се приклучува кон Манифестот потпишан од над 150 европски невладини
организации со кој се бара од Европската Унија, Европската инвестициона банка и Европскиот
Парламент, да се запре поддршката и финансирањето на нови хидроцентрали.
Почитувани,
Одбележувајќи го Светскиот ден на миграција на риби, Фронт 21/42 заедно со организации како
WWF – Светски фонд за природа, Climate Action Network Europe и BirdLife, алармираат за штетите
кои произлегуваат од изградбата на нови хидроцентрали во Европа.
Токму на европскиот континент сведоци сме на најголемо уништување на реките и
предизвикување на речна фрагментација, со што се загрозуваат слатководните екосистеми, а
истовремено нема значаен придонес во борбата против климатските промени.
Невладините ја потсетуваат ЕУ дека поддршката за нови хидроцентрали е во спротивност со
целите за биодиверзитет на Новиот Европски зелен договор.
Во Европа, популацијата на слатководни риби кои мигрираат е намалена за 93 % од 1970 година
до денес. Хидроенергетските проекти се најголемиот виновник за колапсот на екосистемите, а
сепак во моментов преку 5500 нови проекти се во процес на планирање или изградба. Балканот е
под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани.
Енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија е неоправдана преку проекти како
хидроцентралите со кои се уништуваат последните слободни реки и уникатниот биодиверзитет,
особено кога енергетските придобивки се незначителни. Во моментов, 9 од 10 нови или
планирани хидроцентрали имаат капацитет помал од 10 мегавати – овој незначителен удел во
производството на електрична енергија зад себе остава пресушени реки, блокирани миграциски
патеки на рибите, уништени речни екосистеми и локално население без вода за пиење и
наводнување.
И покрај постоечката легислатива чија цел е заштита на водните живеалишта и биодиверзитетот,
гринфилд хидроцентралите се градат со забрзано темпо, и тоа најчесто преку јавна финансиска
помош.
Фронт 21/42 се приклучува кон барањето до Европската Унија, Европската инвестициона банка и
Европскиот Парламент да се запре финансирањето за нови хидроцентрали. Бараме тие средства
да се пренаменат за модернизација, еколошка трансформација на постоечките централи, за
отстранување на застарените брани, како и за премин кон обновливи извори на енергија кои
немаат негативно влијание врз природата. Сметаме дека новите хидроенергетски проекти не
треба да бидат субвенционирани од државата, ниту финасирани од меѓународните финансиски
институции (ЕИБ, ЕБОР; Светска Банка).
Во нашиот регион се наоѓаат последните слободни реки на европскиот континент, но за жал
драматичната експанзија на мали хидроцентрали се заканува трајно да ги уништи нашите реки и
уникатниот живот во нив.
Headquarters: Branislav Nusic No.8-5/9, 1000 Skopje, R. Macedonia
Office: Kliment Ohridski No. 54/2-2, 1000 Skopje, R. Macedonia
Tel.Fax: + 389/ 2 3122-546 / e-mail: [email protected]
Во моментов на територијата на Македонија изградени се 9 големи и над 70 мали хидроцентрали
кои се оперативни, но според издадените концесии таа бројка ќе се искачи на околу 120
хидроцентрали, од кои една третина се во заштитени подрачја.
Збирната инсталирана моќност од малите хидроцентрали изнесува 106,32MW, што е удел од 5,12
% во вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија на државата.
Истражувањето кое во 2015 година го спроведе „Бенквоч“ утврди дека најголем број од проектите
финансирани од меѓународните финансиски институции во заштитени подрачја се токму во
Македонија, додека притоа се забележани видливи прекршувања на националните прописи,
закони и меѓународни стандарди.
Малите хидроцентрали се финансираат преку сметките за струја во форма на повластени тарифи –
6% од парите кои ги плаќаат граѓаните се наменети за субвенционирање на малите
хидроцентрали, односно, самите ние плаќаме за уништување на нашите реки.
Без поттик од субвенциите, 90 отсто од постројките едноставно би биле нерентабилни.
Субвенциите го направија бизнисот со малите хидроцентрали многу рентабилен – за градежните
фирми, за банките и веројатно највеќе за инвеститорите.
Во последните 10 години државата за мали хидроцентрали издвоила 72 милионa евра. Бизнисот
со малите хидроцентрали го водат мал број на фирми кои прават милионски заработки, а
концесиите неретко изобилуваат со законски прекршувања. Во НП Маврово плановите за мали
хидроцентрали продолжуваат и покрај препораките на Бернската конвенција од 2017-та.
Нашето приклучување кон Манифестот е дел од поголемата европска борба за прекин на
финансирањето и изградбата на нови хидроцентралите со цел да си ги зачуваме реките и
уникатното богатсво на живот кои тие го одржуваат.