April 20, 2021 08:01
Македонија

д-р Момировска:Граѓаните да се тестираат само во лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство за Ковид 19 тестирање

Скрининг за Ковид-19, какви тестови постојат, кои се разликите меѓу нив, кога да се тестирате, каде и како? Пред почеток на вакцинацијата многу прашања се наметнуваат и се актуелизираат, а за одговорите разговаравме со д-р Ана Момировска, специјалистка по медицинска биохемија и молекуларна биологија во Синлаб лабораторија.

Што претставува PCR методот а што антигенските тестови за КОВИД-19 и кои се главните разлики меѓу нив?

Методата PCR е една од методите на молекуларната биологија и е кратенка од Полимеразно ланчеста реакција (Polimerase Chain Reaction). Се користи во разни области на медицинската лабораториска дијагностика како и за научни истражувања. Во микробиологијата со оваа метода се врши детекција на нуклеински киселини како ДНК и РНК од вируси, бактерии, фунги, паразити. Антигенски тест во поширока смисла значи детекција на причинител, но во потесна смисла на зборот тоа е тест кој ги детектира протеините на микроорганизмот. Во случајот на вирусот SARS CoV 2, со PCR се детектираат гените во РНК-та на вирусот (ORF1a, ORF1b, ORF1ab, E, S, N, RdRP), а со антигенските тестови се детектираат протеините на вирусот. Разликите меѓу овие два теста се следни: PCR тестот е високо сензитивен, соодветен е за откривање заболени лица, но и за асимптоматски носители на вирусот. Антигенскиот тест е побрз и не е врзан за лабораторија, за инструменти, апарати, туку може да се изведува и на терен и во домашни услови. Антигенскиот тест се препорачува само кај пациенти со симптоми. Не е погоден за скрининг во болници, училишта и слично. Во најголем број случаи PCR се прави со материјал земен како брис од нос и грло, но може и плунка, фецес, урина. Кај антигенскиот тест појдовен материјал за анализа се користи исклучиво брис од нос. Овие две методи во моментот се методи со кои се поставува дијагноза за Ковид 19 во нашата земја. Резултатите од овие тестови, исто така се важни и за патување, како доказ дека патникот не е заболен. Сепак, за различни држави постојат различни барања каков тест треба да се приложи како негативен за да се одобри влез во земјата.

Кога е најдобро од појавата на први симптоми да се направи тестирање за КОВИД-19 со цел прецизни резултати?

 Со појавата на првите симптоми треба веднаш да се направи PCR тест, додека пак по сомнителен контакт, ова за сите, па дури и кај асимптоматски лица, треба да се почека минимум пет дена за да се направи тестирање. Резултатите од тестирањето секогаш треба да се корелираат со клиничката слика и со други дијагностички методи. Клиничката слика е водилка за постапките кои треба да се преземат од страна на лекарите за поставување дијагноза, како и за понатамошен третман на пациентот. Понекогаш е потребно тестирањето да се повтори или да се земе материјал од пониски респираторни патишта  и слично.

На кој начин функционираат тестовите за антитела и кога и кај кого е најдобро да се направи ваквото тестирање?

Антителата се имун одговор на организмот од таканаречениот хуморален имунитет. Се создаваат различни класи на антитела. Во рана фаза на болеста, од 5-6тиот ден почнуваат да се синтетизираат IgM и IgA антитела. Подоцна почнуваат да се синтетизираат IgG антитела и тие претставуваат долготраен имунитет. IgM и IgA антителата се губат во потполност по 30-40 дена од почетокот на болеста. Тестот за антитела не се користи за поставување дијагноза. За оваа намена се користи само во исклучителни случаи, на пример кај некои тешко болни пациенти се случува PCR тестот да е репетитивно негативен, а клиничката слика да биде карактеристична за Ковид 19. Тогаш се поставува дијагноза со тест за антитела. Синтетизираните антитела се специфични за Ковид 19, а не и за други болести. Кај Ковид 19 не се знае точно колку долго перзистираат IgG антителата, според некои автори 3-4 месеци, а според други и до 8 месеци. Покрај оваа поделба на антителата постои и друга поделба, зависно против кој дел од вирусот се насочени антителата. Особено е важно да се објаснат Ѕ (spike) антителата, затоа што тие го блокираат Ѕ протеинот, а со тоа се спречува влез на вирусот во клетките. Тие се многу важни за одредување на степенот на ефикасен имунитет. Покрај Ѕ антителата се формираат и други антитела, но не сите се ефикасни во борбата против инфекцијата. Ѕ антителата се користат и за одредување на поствакциналниот имун одговор. Зависно од добиените резултати ќе се проценува дали лицето има задоволителен имунитет или не. Со тестот за антитела се потврдува тековна или прележана инфекција. Најдобро е да се направи 14 дена по завршување на болеста. Тестот за антитела се користи за проценка на колективниот имунитет, за успехот од вакцинирање, кај деца за поставување дијагноза на Мултисистемски инфламаторен синдром (МИС), за проценка на тековен имунитет подолг период по прележување и слично.

Согласно Вашето досегашно искуство, кој тест го сметате за стандард со цел добивање најточен резултат и поставување соодветна дијагноза?

 Златен стандард за поставување дијагноза е PCR тестот. И тоа не во пулови (групно тестирање), кое нема медицинска оправданост, туку исклучиво во поединечно тестирање. Потребно е да се детектираат минимум два различни гени од вирусот за да се постави дијагноза за Ковид 19.

Може ли да постои лажно позитивен или лажно негативен PCR резултат и што е причината за тоа?

 Да, постои лажно позитивен и лажно негативен резултат. Најчеста причина за лажно позитивен резултат е контаминација во лабораторијата. Значи негативни примероци се контаминирале со нуклеински материјал од вирусот. Најчеста причина за лажно негативни резултати е недобро земен брис, односно самата метода на земање брис по својата природа не гарантира секогаш дека е земен соодветен материјал за анализа. За лажно негативен тест причини може да бидат и многу рано земен брис по сомнителен контакт, присуство на вирусот во пониските респираторни регии, а не во носот и грлото и друго. Постојат, се разбира и други, груби лабораториски грешки кои можат да бидат причина за појава на лажно позитивен или лажно негативен резултат.

Дали пред примање вакцина потребно е да се направи серолошки тест?

 Пред вакцина не мора да се прави серолошки тест односно тест за антитела. Тоа е застарен пристап. Не се прави одредување на антитела ни за други вакцини, на пример грип, хепатитис и слично. Но има една нова ситуација со вакцините против Ковид 19. Имено, според некои студии во Израел кај тие што прележале и примиле една доза вакцина, се создава доволен имунитет исто како да се администрирани две дози. Заради економизирање со бројот на вакцините, а со оглед на тоа дека нема доволно вакцини, можеби ќе се примени пристап за мерење на антитела по првата доза вакцина, па доколку нивото на антитела е доволно високо да не се спроведе втора доза вакцинирање. Ова не е прифатено  сеуште од страна на СЗО, мислам проф. Докиќ го коментираше овој пристап, во едно свое интервју, па можеби ќе се разгледа и ваква стратегија.

Што е важно што би требало да знаат граѓаните при тестирање, независно PCR тест или серолошки тест?

 Граѓаните при тестирање треба да се обратат во лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство да вршат тестирање на Ковид 19. Да не одат во лаборатории кои немаат таква дозвола и на црно спроведуваат тестирање. Антиген тестовите треба да бидат на листата за СЗО, како одобрени тестови, а не од други производители. Исто така е важно лабораториите да се акредитирани. Тоа гарантира дека постапките во лабораторијата се под постојан надзор, следливи и проверливи. Се надевам дека скоро и граѓаните и Министерството за здравство ќе препознаат кои се акредитирани лаборатории, а кои не и што е понудата на едните, а што на другите. Акредитацијата на лаборатории во нашата земја ја спроведува Институтот за акредитација на Македонија, а не странски тела и странски лаборатории.

Што е со колективниот имунитет, по спроведување на вакцинацијата кога може да се очекува и како ќе се испитува?

 Колективен имунитет би се постигнал, според некои експерти, со вакцинирање на минимум 70% од населението. Односно доколку 70% од населението формира антитела, со прележување плус вакцинирање. Тоа како ќе се постигне сега за сега не е јасно, со оглед на тоа дека не знаеме реално колкав број жители го прележале вирусот, а и вакцинирањето е на доброволна основа.

Која е разликата меѓу неколкуте видови вакцини и кој е Вашиот став за вакцинирањето?

 Разликата меѓу вакцините кои се појавија на светскиот пазар е во технологијата на нивното производство. Фајзер и Модерна одбраа сосема нова технологија за производство која се базира на вбризгување на мРНК (messenger RNA) која пак ќе стимулира создавање на Ѕ антитела. Претпоставувам дека во иднина оваа технологија уште ќе се усовршува и ќе стане доминантна во производството на вакцини. Астра Зенека и Спутник се векторски вакцини, се користи носач – друг безопасен вирус, на кој му е вметната секвенца за кодирање на Ѕ протеинот. Спутник содржи секвенца на хуман Адено вирус, а Астра Зенека на мајмунски Адено вирус. Постојат вакцини со умртвен или атенуиран вирус, произведени со стара технологија за производство на вакцини како што, моментално е кинеската на Синофарм.

Како се одвива работата во Синлаб лабораториите во време на пандемија и дали беше потребно да се направат големи промени во работењето?

 Во тек на оваа пандемија Синлаб Македонија се пријави во Министерството за здравство за да спроведува тестирања за Ковид 19. Дозволата за работа ја добивме во септември 2020 година. Формиран е така наречен Ковид центар, само на една наша локација, односно лабораторија која се наоѓа во близина на Клиничкиот центар во Скопје. Во другите лаборатории не се вршат Ковид тестирања. Многу е интензивирана работата, особено на терен и со домашните посети, проценивме дека така излегуваме пресрет на потребите на граѓаните. Имаме кризен штаб, одговорно лице за кризен менаџмент и стручен колегиум кој постојано ја следи состојбата во лабораторијата, во смисла на обезбедување заштитна опрема за вработените, набавка на неопходни реагенси и потрошен материјал, креирање дефинирани постапки и документи, следење дефинирани патеки на спроведување на испитувањата и слично. Заради зголемените потреби и од персонал, исто така и го освеживме тимот со уште неколку вработувања на млади луѓе.

 

ANIMEFLIX attack on titan animeflix: Watch SK8 the Infinity Episode 12 (https://animeflix.nl/m/m5q7/ep-12)

AnimeHeaven animeheaven black clover: Death Note (https://animeheaven.pro/m/4nk) Episode 37