December 10, 2022 06:16
Култура

ДФРМ ќе присуствува на регионална конференција на режисери во Лесковац

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) Игор Иванов-Изи и генералниот секретар на Друштвото, Томи Салковски, денеска ќе учествуваат на Регионалната конференција на филмски режисери што се одржува во рамките на Интернационалниот фестивал на филмска режија (LIFFE) во Лесковац.

Учесниците на конференцијата ќе разменат мислења и ставови за состојбите во регионалната кинематографија, со акцент на заштитата на авторските права во аудиовизуелната дејност.

Годинашната конференција ќе биде посветена на прашањата за авторска егзистенција, професионализацијата на работата, користењето нови технологии и нивното влијание на либерализацијата при снимањето филмови, за заштита на авторитети и авторството на режисерите, автономијата на филмот и слободата на изборот на теми и одговорноста на авторите без калкулации кон вистината и историјата.

Како што се наведува во соопштението од ДФРМ, ова прашање не е регулирано ниту во македонската кинематографија, па претставниците на ДФРМ ќе имаат можност да ги истакнат проблемите на авторска сопственост со кои се соочуваат домашните филмски автори, како и да се запознаат со ситуацијата во соседните држави и како тие наоѓаат начини за решавање на овие горливи прашања.