August 18, 2019 09:17
Македонија

Др-Видоевска: Македонија на 18 место во светот по заболени од рак на бели дробови

Технолошкиот и индустриски равој допринесе за драматично зголемување на алергиските заболувања, особено во последните 4-5 децении. Претпоставка е дека околу 30% од населението во Европа страда од алергиски ринитис, околу 20% има астма, а 15% кожни алергиски заболувања. Податоците пак во светски рамки се загрижувачки: 600 милиони луѓе имаат ринитис, од кои 200 милиони имаат и астма, а 300 милиони луѓе страдаат од астма (приближно 5% од населението). Алергиите на храна стануваат  се почести и се јавуваат во потешки облици, како и алергиите врзани со професионална експозиција, алергиите на лекови и  убод од инсекти. Постоечкиот начин на живот (особено во развиените земји) кој подразбира индустријализација, екпозиција на разни полутанти во воздухот, земјата, водата, конгрегација на населението во градовите, разни диети, промена на климатските фактори заради глобалното затоплување се главните тригери на симптоми кај алергичните пациенти, а не се очекува некоја промена во  скоро време- вели за 24 инфо доктор Ани Видоевска, интернист пневмофтизиолог.

Пролет е, време за цветање на растенијата и тревите. Се добива впечаток дека секоја година се повеќе луѓе стануваат пациенти кои се склони на белодробни алергии. Каков е вашиот впечаток?

Имајќи го предвид досегашниот тренд на алергиските заболувања Европската Академија за Алергија и Клиничка Имунологија предвидува дека за неполни 15 години повеќе од половина од населението во Европа ќе има некој вид на алергија. Најголем број на алергиски тегоби има во земјите на Скандинавија, Франција, Англија, Словенија, а помалку во Бугарија, Грција, Шпанија. Секој четврти Македонец страда од некоја алергија.

Пролетта е период од годината кога се буди целата вегетација и има интензивна поленизација на дрвјата и тревите.  Почести се тегобите од горните дишни патишта и очите, кои го нарушуваат секојдневното функционирање, досадни се и не ретко се интрпретираат како настинка, вироза па погрешно се третираат.  Дијагнозата  не е тешко да се постави врз основа на податоците за симптомите, клиничкиот тек, епидемиолошката анкета,  алерголошки  тестови , а ако има потреба и дополнителни иследувања.  Симптомите на пролетните алергии се влошуваат при ветровито, сончево време бидејќи тоа го зголемува бројот на поленови честички во воздухот, а нивното количество во воздухот се намалува кога врне. Поленската треска може значително да го поремети квалитетот на живот бидејќи често води до инфекција на синусите, го пореметува сонот и способноста за концентрација, а со тоа го намалува капацитетот за учење и работоспособност. Основно е, колку што е можно да се превенира контактот со алеренот и да се прима редовно и на време ординираната терапија.

Има ли сезона на алергии?

Инхалаторните алергии може да бидат сезонски, врзани со одреден период во годината или т.н. перинеални или  целогодишни (најчеста е на Дерматофагоидес т.н. грини).  Сезонските алергии се најчести во пролет и лето, на полен од дрвја, треви , во касно лето и есен на полен од коров и во есен на  спори од мувла. Во пролет и лето почести се алергиите при убод на некои инсекти, оса, пчела, кои може да бидат со тешка клиничка слика и животно загрозувачки. Секој кој има ваков тип на алергија мора со себе да носи соодветна, брзоделувачка и живото-спасувачка терапија.

Нутритивните алергии се врзани со внес на одредена храна и основно е таа храна да не се внесува. Обично се јавува во детската возраст и често во тек на животот се надминува.

Бебињата и децата и нивната склоност кон алергии, колку е зголемена последните години?

Инциденцата, преваленцата и тежината на атописките заболувања во детската возраст е во постојан порат во последните 20-тина години, и во индустријализираните и во земјите во развој.

Секое дете може да развие алергија, но можноста е поголема доколку во семејството има веќе алергиски заболувања. Невозможно е родителот да контролира на што се детето е изложено, што  јаде и со што се е во контакт и затоа е многу битно родителот да внимава на симптомите кои  ги пројавува детето.  Алергиските заболувања почести се кај децата, споредено со возрасните. Во светот, отприлика  1 од 8 деца има астма, 1 од 13 има егзем,  1 од 8 има алергиски ринит, алергија на храна имаат 3-6% од децата во развиените земји. Можноста за појавата на алергии кај децата кои  се на мајчино млеко е поретка отколку кај деца кои се на адаптирано млеко. Децата кои рано пројавуваат  егзем имаат поголема веројатност да развијат алергија на храна, особено на кикирики (до 5 год.возраст), често и на кравјо млеко . Алергиите кај децата не се фиксни, односно се менуваат и исчезнуваат со растот. Малите деца најчесто страдаат од атописки егзем, алергија на храна со стомачни симптоми и визинг (свиркање во градите), додека кај поголемите деца  се јавува алергиски риноконјуктивит и астма. 70% од децата со егзема се со ризик да равијат астма или алергиски ринит, а 30-50% да имаат алергија на храна.  Битно е симптомите на алергија да бидат рано препознаени како такви и соодветно да се превенираат и третираат со цел да нема долготрајни последици по здравјето на детето.

И повозрасните не се имуни на алергии кои им прават белодробни компликации. Кој ви е највозрасниот пациент, а кој најмалиот?

Највозрасен пациент кај кој за прв пат е дијагностицирана астма е 77 год., а бидејќи сум интернист, а не педијатар најмалиот пациент кај мене е на 16 години.

Карциномот е вечна тема, посебно белодробниот. Колку е зголемен бројот последниве години, имате ли некакви сознанија и дали за тоа дополнително придонесуваат загадувањето и пушењето?

Белодробниот карцином е најчестиот карцином кај мажите, а трет по честота кај жените. Во 2018 год. има нови 2 милиони случаи во светот.  Околните, Србија, Црна Гора, Босна, Грција се во првите 15 земји по честотата на ова заболување, а Македонија е на 18-то место. Во секој случај бројот на заболени од белкодробен карцином во Македонија од година во година е во постојан пораст што се поврзува со изложеноста на населението на разни карциногени, штетни материи во воздухот заради се поприсутното високо ниво на аерозагадување.

Околу  90%  од  белодробните  карциноми  се  предизвикани  од  пушење и заради се почестата пушачка навика кај женската популација се почесто заболуваат жените. Постои и семејна предизпозиција за  негова појава што е поврзано со пушачката навика и пасивното пушење, начинот на исхрана и околината на живеење, загадувањето на воздухот (содржина на канцерогени супстанци, особено радон) и водата. Не се познати сите ризик фактори за неговата појава.  За жал многу е мал процентот на излекувани пациенти со белодробен карцином најчесто заради доцното поставување на дијагнозата (симптомите се некарактеристични: кашлица, можна болка во градите, замор, намален апетит, тешкотии со дишењето, искашлување крв..) кога болеста е веќе во напреднат стадиум , а и ограничените терапевтски можности.  Основна превентивна мерка е престанок на активно и пасивно пушење, мерки за намалување на аерозагадувањето и  навремени лекарски прегледи.

Постои ли некоја превенција против настинки и алергии? Фармацевските куќи постојано продаваат суплементи за „Зголемување“ на имунитетот. Може ли тој да се зголеми на ваков начин?

Имунитетот, односно  капацитетот за одбрана на организмот против сите надворешки штетни агенси и влијанија е одреден од 4 основни фактори: редовна и правилна исхрана, редовен одмор (ноќен сон од 7 часови), редовна физичка активност и сонце (секако не во периодите кога сонцето е најјако и гори, меѓу 10 и 17 часот).  За среќа ние сме поднебје кое изобилува со разни градинарски и овошни култури и голем број сончеви денови во годината. Редовна и правилна исхрана подразбира редовни оброци (најмалку 2 во текот на денот) обично во одредено време од денот и разноврсна ихрана во која ќе доминираат производи од нашето поднебје. Младите луѓе , па и повозрасната популација, се повеќе се свесни  за благодетот од секојдневна физичка активност . Да бидам искрена јас не сум поборник на разните хемии, лекови , освен ако навистина нема голема потреба од суплеметација затоа што ништо “вештачко “ нема да помогне во имунитетот ако не го практикуваме погоре споменатото.

– Работите во сопствена ординација. Зошто се одлучивте од јавно за приватно здравство?

Во животот се менуваат разни периоди. Работев 22 години во јавно здравство кое значеше голема, непроценлива пракса и искуство.  Но, во момент почувствував дека тоа е врвот на моето остварување во таа средина. Предизвикот се појави пред мене: што понатаму? Дали да останам таму каде што сум и каде што знаев отприлика како ќе течат следните години од работниот стаж или да отворам своја приватна ординација. Во принцип сум човек кој сака предизвици и знаев дека ако не се обидам ќе ме мачи прашањето “како ќе беше во приватно? “ Сопругот  веќе имаше 10 годишно искуство во својата приватна ординација и откако ја донесов одлуката ми е голема и секојдневна  подршка. Морам да признаам дека никаде нема идеално, дека во приватното има многу поголема одговорност, пожртвуваност, самокритичност , но од друга страна задоволството е големо кога ќе  слушнеш убави зборови и позитивни препораки.

– Која е Ани Видоевска приватно, што ја релаксира, хоби?

Ани Видоевска е сопруга, мајка, баба, па потоа лекар. Кога си млад те бркаат многу обврски како дома, така и професионално, желба да докажување, остварување на поставени цели кои некако беа се поголеми. Професијата ми е таква што бара постојано ангажираше за лична едукација и усовршување.  Како минуваа годините сватив дека најголемото богатство и среќа е семејството. Среќна и горда сум на мојот сопруг, двата синови кои полека и сигурно си газат по животот кои си го одбрале, кога ги гледам задоволни и среќни. Имам многу познаници, пријатели само одбрани. Избегнувам луѓе кои ме заморуваат и ми предизвикуваат негативни емоции и ме полнат со негативна енергија. Се обидувам да живеам во сегашноста, во моментот, не бркајќи во минатото што не можам да го променам, нуту пак правејќи големи планови за иднина. Друг ни ги крои плановите и колку и да се трудиме ” тоа што е пишано, ќе дојде”, дека животот е скокови и падови, радост и тага, музика и тишина. Немам некое посебно хоби. Сакам книги , сакам многу да пешачам, да се дружам со луѓе кои ме сакаат и ги сакам, уживам во музика и сакам да танцувам, сакам да изгледам добар филм (никако хорор, а не сум фан ниту на научната фантастика), да си купам некое парче облека, чисто за подигнување на расположението . Најголема релаксација сега ми е внуката и се надевам дека ќе ги има уште.

Валентина Ангеловска

фото:Слободан Ѓуриќ

Нови вести

На Богородица и Табановце се чека околу 30 минути

Igor

Заев го честита Денот на Армијата: Нашите војници покажуваат еднаквост во партнерството со нашите сојузници и способност заеднички да го гарантираат меѓународниот мир

Igor

(Видео) Како беше пречекан Боки 13 во Шутка: Кај си бе срцка

Igor