December 1, 2021 13:57
Економија

До 2026 година воздушниот сообраќај нема да се врати на исто ниво како пред пандемијата

Британскиот аеродром „Хитроу“ предупреди дека постои голема опасност авионскиот сообраќај да не се врати на нивото како пред пандемијата на Ковид-19 до 2026 година и покрај тоа што бројот на патници е зголемен во последните три месеци.

Аеродромот објави и дека загубите што ги претрпе од почетокот на пандемијата сега достигнаа дури 3,4 милијарди фунти.

Како што истакнаа, меѓународните воздушни патувања можеби се на работ на закрепнување, но има уште долг пат да се помине.

Според извештаите, аеродромот пријавил загуба од нешто повеќе од милијарда фунти во деветте месеци до крајот на септември, а изгубил 786 милиони во истиот период минатата година.

Компанијата во својот извештај предупреди дека воздушниот сообраќај, најверојатно, нема целосно да закрепне во следните пет години.

Џон Холанд-Кеј, извршен директор на аеродромот „Хитроу“, вели дека Велика Британија е на работ на закрепнување, што ќе ја зголеми побарувачката, ќе создаде нови квалитетни работни места и ќе ја оживее британската економија, но исто така предупредува дека сето ова може да биде загрозено ако не се осигури на долг рок.

Тој ги повика земјите да се фокусираат на глобалната програма за вакцинација за да се овозможи меѓународното патување да се одвива без тестирање и повика на фер финансиска регулација.