February 4, 2023 07:22
Македонија

Донација за гинеколошко-акушерскиот оддел од кумановската болница

Кумановската општа болница доби донација лед лампа, ЦТГ апарати за близначка бременост и гинеколошки хидрауличен стол, за потребите на акушерскиот оддел, од општествено одговорна компанија „Kromberg & Shubert”.

Надлежните од болницата велат дека со донираната опрема ќе се подобри квалитетот на следење на бременоста особено на близначката бременост.

– Благодарни сме за донацијата од компанијата која вработува и наши сограѓани. Имаме ваков апарат, но секоја донација е добредојдена за осовременување на одделението. Со апаратот ќе се следат мајките за време на породувањето, изјави раководител на акушерки оддел д-р Лидија Јовчевска.

Во болницата лани се родија 846 деца, од кои над дваесетина се близначиња, породени во болницата. Од почетокот на годинава во кумановската болница се родени 45 новороденчиња.

-Очекуваме да остане бројот на породувања. Дел од пациентките се породуваат и во приватни болници, но сметам дека имаме добри услови за следење на бременоста, за породувањата, токму во нашата болница, изјави д-р Јовчевска.

Одделението е солидно екипирано и има соодветна опрема. Куманово е едно од најголемите родилишта во државата, но и градот не го одминува трендот на иселување.

Болницата ја унапредува здравствената заштита на родилките, установата е дел од перимак програмата, од мрежата на шест родилишта во државата кои се трудат да ја издигнат грижата и намалувањето на смртта кај новороденчињата и доенчињата. По укинувањето на ковид протоколите почна со работа и школата за родителство. Од болницата нагласуваат дека се воведуваат нови методи и операции, преку обуки на соодветен кадар. Акушерското одделение е опремено со соодветна опрема.