December 4, 2022 19:48
Живот

„Добродојдовте во НАТО, но ве молиме коњите нека ви останат во шталата”

Агенцијата за национална безбедност е за генерален ремонт. Ова би било накусо пораката на „изворот” на информацијата која ја објави Призма. Во врска со „изворот” кој и да е информацијата ја пласирал со најпринципиелни намери веројатно после многу укажувања упатени по формални канали дека Македонија како земја членка на НАТО има обврска институциите да и функционираат согласно стандардите на оваа најмоќна воено политичка организација.

Медениот месец во кој домашните институции имаа рок самите себе да се проверат кој е, што е, каков е, и како работи заврши а таа обврска очигледно не си ја завршиле. Наместо тоа ако се сеќавате се сведе на оговарачка сесија во која се подметнуваа разни шпекулации, за тоа кој добил а кој не добил безбедносен сертификат од НАТО.

Нејсе, дојде време кога како држава треба да ги преземеме сите обврски кои произлегуваат од привилегијата да се биде под безбедносниот чадор на НАТО кој патем деновиве не прави и така комотни во околности кога стотина километри од нас на север може да се запукаат Косоварите и Србите во секој момент. Ситуации кои инаку во некои други времиња предизвикуваа голема вознемиреност кај нас.

Да се вратам на генералниот ремонт. Обидот да се заврши приказната со префрлање на вина на еден или двајца и тоа во секторот за соработка со пријателските служби едноставно нема шанси да заврши успешно. Овој пат таа работа околу одговорноста ќе треба да оди многу подлабоко во ткивото на Агенцијата за национална безбедност .

Ако внимателно ја слушнете изјавата на директорот на АНБ , Виктор Димовски тој самиот кажува дека одговорноста паѓа на ова четврто, сега суспендирано ниво во АНБ за соработка со пријателски служби, само доколку првите три нивоа изразиле некаква сомнеж околу апликацијата на рускиот – украинскиот „коњаник”  околу неговиот профил. Впрочем зошто ние воопшто би имале некакви „служби” и „нивоа” ако целата работа се сведува на тоа што ќе ни кажат нас пријателските служби за било кого кој бара државјанство во Македонија. Патем во случајот целава работа можел да ја изврши било кој шалтерски службеник во МВР кој знае странски јазик и знае што е Гугл пребарувач кој во најмала рака ќе дадеше информации за тоа дека апликантот “коњаник’ е сомнителен.

Од она што го добивме како информација „коњаникот“ прошол „мазно“ на сите три витални нивоа на АНБ кои како што е познато го ставиле својот потпис давајќи и зелено светло на апликацијата . Ниту еден од нив не изразил никаков сомнеж или потреба за консултација за да се направи подетална проверка.

Потфрлањето на најмалку десетина вработени во АНБ од неколку витални сегменти на организациската структура на ова институција ја прави дури неверојатна, за нас фолклорната опција дека во позадината стои лукративен интерес. Случајот е многу полош од обичен корупциски скандал бидејќи открива целосна нефункционалност на една оваа институција од витален интерес за државата.

Случајот е црвен картон за АНБ која по се мора да оди на целосен ремонт за да се извади од инерцијата на „светлите славни традиции” на институција во која се мати водата за да се покријат и задоволат нечии дневно политички агенди или бизнис интереси на „широкогради” транзициски бизнисмени. Воедно случајов е жолт картон за политичката власт која после овој скандал мора да сфати дека членството во НАТО не е банер и материјал за ПР агенција за привлекување на гласачи туку сериозна обврска од цивилизациски карактер која бара целосна посветеност на принципите на чија основа е создадена оваа воено политичка организација.

Кога сме кај политичките власти треба да биде јасно дека аферата е толку голема што истрагата за неа ќе треба многу јасно да утврди дали во целиот хаос има и рака на политички интерес или манипулација. Доколку такво нешто исплива на површина не постои бројка на пратеници во Собранието кои би можеле да го спасат падот на владата. Како и да е, членството во НАТО фала на Бога стана реалност од која нема бегање. Владата деновиве треба да одлучи кој ќе биде новиот прв човек на АНБ. Во позадината на аферата стои и многу видлива порака дека новиот шеф на АНБ ќе треба да биде човек кој не припаѓа или е близок на еден или друг политички моќник туку дека е личност со професионален интегритет кој не би бил спорен дури ни за опозицијата.

Би сакал што поскоро да добиеме и порака „добродојдовте во ЕУ” со она што следи по скринингот кога вакви мочуришта како ова во АНБ ќе бидат откриени во многу други институции на кои исто така им престои генерален ремонт.

Прашање е на време кога ќе се помириме со фактот дека ние немаме проблем со Бугари , Грци….и останати туку самите со себе , со сопствениот човечки материјал, интегритет и професионалност како автентичен израз на државотворна супстанца.

Пишува: Борјан Јовановски

Извор: новатв.мк

Поврзани вести

Турција го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО

24news

(Видео) Знамето на НАТО поставено пред Владата

Daniela

Рамадани: Косово ќе биде 31-та членка на НАТО

Igor